Интензивно се работи на регулацијата на реката Брегалница во Делчево
- Со забрзано темпо се изведуваат градежните активности на проектот за регулација на речниот тек на реката Брегалница во Делчево, на потегот од градската црква до градскиот базен.
Делчево, 16 октомври 2025 (МИА) -Со забрзано темпо се изведуваат градежните активности на проектот за регулација на речниот тек на реката Брегалница во Делчево, на потегот од градската црква до градскиот базен.
Според градоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски, моментално се работи на чистење, продлабочување и зацврстување на коритото на реката, како и на изградба на потпорни ѕидови и уредување на кејот.
-Со овие активности ќе се подобри заштитата на овој дел од градот од можни поплави, а истовремено ќе се создаде уреден и безбеден простор за движење и рекреација на граѓаните, истакна Трајковски.
-Овој потег е дел од вкупниот проект за регулација на реката Брегалница низ централното градско подрачје. Со тоа Делчево ќе добие современ, урбан и уреден изглед на речниот кеј. Со проектот продолжуваме да инвестираме во капитални зафати кои го менуваат ликот на градот и го подобруваат квалитетот на живот на сите граѓани, додаде Трајковски.
Проектот претставува еден од позначајните инфраструктурни зафати во последните години во Делчево и се реализира со цел трајно решавање на проблемите со поплави и подобрување на урбаната инфраструктура во централното градско подрачје. вс/вг/
Фото: МИА