• понеделник, 23 декември 2024

Институтот за демократија „Социетас цивилис - Скопје“ ги објави ризиците на кои треба да внимава новото Министерство за енергетика

Институтот за демократија „Социетас цивилис - Скопје“ ги објави ризиците на кои треба да внимава новото Министерство за енергетика

Скопје, 12 август 2024 (МИА) - Зголемено странско и домашно лобирање, конфликт на интереси и слаби човечки и материјални ресурси во новото Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, ова се дел од ризиците од корупција на кои новиот парламентарен состав би требало да посвети особено внимание, соопшти денеска Институтот за демократија „Социетас цивилис - Скопје“. Институтот за демократија објави краток документ за јавни политики посветен на ризиците од корупција во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини објавен на македонски, албански и англиски јазик. 

- Ревизорските извештаи на Државниот завод за ревизија (ДЗР) постојано истакнуваат бројни слабости во регулативата и надзорот на концесионерските договори, како и недостатокот на долгорочна стратегија за оптимално искористување на водните ресурси, енергијата, минералните суровини и други природни богатства. Последниот ревизорски извештај за експлоатација на минерални суровини нагласува дека надоместоците за експлоатираните ресурси не ги одразуваат реалните пазарни цени, поради што во периодот од 2018-2022 година државата наплатила само 1 отсто од остварените приходи од продажбата на мермерните концесионери што отвора простор за сомнежи за коруптивни активности, стои во соопштението од Институот.

Дополнително, во минатото, како што наведуваат, имаше низа контроверзии во процесите за издавање, а подоцна и ревокација на концесиите и дозволите за работата на рудниците Иловица и Казандол што покажа дека неправилностите во регулацијата и во процесот на носење одлуки можат да резултираат со значителни спорови и штети по самата држава.

- Околу работата на новото министерство ќе се јават низа ризици од корупција на кои новиот парламентарен состав би требало да посвети особено внимание: Зголемено странско и домашно лобирање: сосема очекувано е концесионерите преку лоби претставници да вршат несоодветно влијание врз службениците во министерството и пратениците, што ќе доведе до лоши економски одлуки или закони кои ги фаворизираат приватните интереси пред јавната благосостојба; Постои ризик и од корупција кај надлежни регулаторни и надзорни тела, чија работа може да фаворизира одредени поединци или групи, што ќе ги компромитира државните интереси и националните ресурси, се вели во соопштението.

Во делот за конфликт на интереси, од Институтот посочуваат дека постои ризик службениците во новоформираното министерство или високи функционери, или со нив поврзани лица, да имаат лични финансиски придобивки во компаниите и концесиите чија работа ја надгледуваат, што ќе придонесе до пристрасно носење одлуки.

- Слаби човечки и материјални ресурси во министерството: Органите, кои се приклучија кон новото министерството, имаат мал број вработени лица од кои се очекува да вршат инспекциски надзор врз работата на концесионерите и спроведувањето на договорите, што ќе придонесе кон отсуство на детални проверки и контроли, што пак дополнително ќе ја зголеми веројатноста за коруптивни активности во рамките на самото министерство, се вели во соопштението.

Со оглед на сензитивноста на овој сектор, како што наведуваат, од новиот парламентарен состав се очекува особена внимателност при донесувањето закони поврзани со работата на новото министерство. Притоа, тие треба да се залагаат за редовно доставување процена на влијанието на регулативата и антикорупциска процена на легислативата заедно со предлог-законите. Пратениците треба да организираат редовни јавни расправи и консултации со експертската јавност и граѓанскиот сектор, што ќе помогне во создавање закони кои се добро анализирани, транспарентни и во најдобар интерес за јавноста.

- Новото Министерство за енергетика, рударство и минерални ресурси има потенцијал да донесе значителни придобивки за економскиот развој на државата. Меѓутоа, постојат значителни ризици од корупција кои мора да се адресираат проактивно. Пратениците имаат клучна улога во осигурувањето на интегритетот и транспарентноста на министерството преку усвојување соодветни закони и надзорни мерки. Со тоа ќе се осигури дека министерството работи во корист на сите граѓани и дека природните ресурси на земјата се управуваат одговорно и одржливо, се вели во соопштението. 

Овој документ за јавни политики е дел од проектот „Поттикнување дебата за отчетност и антикорупција“ чија цел е да придонесе кон реформски процеси во Северна Македонија преку зајакнување на улогата на Собранието во борбата против корупцијата и креирањето реформи во владеење на правото, овозможувајќи дијалог меѓу партиите и подмладоците, како и меѓу пратениците и граѓанското општество. Проектот е поддржан од Националниот фонд за демократија. мд/аа/

Фото: МИА архива 

 

Остани поврзан