„Инсајд дефенс“: Пентагон можеби нема да успее да ги искористи сите 5,6 милијарди долари помош за Украина пред Трамп да ја преземе функцијата
Вашингтон, 18 декември 2024 (МИА) Пентагон планира да ги искористи преостанатите 1,22 милијарди долари од Иницијативата за безбедносна поддршка на Украина (УСАИ), „најверојатно до крајот на оваа календарна година“, објави синоќа изданието „Инсајд дефенс“ (Inside Defense).
Висок претставник на Министерството за одбрана на САД изјави за изданието дека министерството можеби нема да успее да ја искористи сета преостаната сума од 5,6 милијарди долари според Претседателските овластувања за повлекување, според кои се овозможува брза испорака на американско оружје за Украина, а пред преземањето на функцијата од страна на Доналд Трамп.
-Ќе продолжиме да составуваме пакети помош во рамките на овластувањата за повлекување до крајот на мандатот на тековната администрација, но 5,6 милијарди е значителна сума овластувања, па затоа, секако, претпоставувам дека неискористените ресурси може да бидат пренесени и достапни за користење од следната администрација, изјави претставник на Министерството за одбрана.
Министерството планира да ги искористи преостанатите 1,2 милијарди долари од средствата на УСАИ до крајот на оваа година, јави „Гласот на Америка“. Овие средства се користат за склучување договори со американски одбранбени компании за набавка на системи за оружје, но може да бидат потребни неколку месеци или години пред тоа оружје да се испорача во воената зона.
Избраниот претседател Доналд Трамп долго време ја критикуваше обемноста на помошта што САД ја даваат на Украина во нејзината борба против Русија и завчера изјави дека е со намера да ја заврши војната, поттикнувајќи ги двете страни на преговори за мир. кб/