• сабота, 23 ноември 2024

„Инклузива“ ги презентираше резултатите од проектот „Учество на лица со попреченост во изборниот процес за време на Ковид-19“

„Инклузива“ ги презентираше резултатите од проектот „Учество на лица со попреченост во изборниот процес за време на Ковид-19“
Куманово, 24 ноември 2020 (МИА) - Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ ги презентираше резултатите на завршна онлајн конференција на проектот „Учество на лица со попреченост во изборниот процес за време на пандемијата Ковид-19“.
На настанот беа презентирани резултатите од едукацијата и информирањето на сите гласачи, вклучувајќи ги гласачите со попреченост, за правата и одговорностите при учество во изборниот процес за време на глобалната пандемија. Резултатите биле пренесени до релевантни институции како ДИК, домашни и меѓународни организации, институции и учесници. На конференцијата, меѓу другото било разговарано и како до следните локални избори да се подобрат недостатоците што биле утврдени на последните избори информираа од „Инклузива“.
- Овој проект беше тримесечен, многу краток проект, но во една пандемија која никој не знаеше дека ќе се случи, беше директна поддршка на институцијата ДИК за спроведување на избори каде што лицата со попреченост ќе се заштитат од инфекција, но и поддршка на гласачите со попреченост за да бидат информирани и едуцирани за начинот на заштита и гласањето во овие услови со материјали, подготовка на материјали и спроведување на кампања. Во самиот проект се оформи Инфо-центар кој работеше од почетокот до крајот на проектот каде што беа ангажирани психолог, кој директно комуницираше со гласачите со попреченост и ги охрабруваше и го презентираше начинот на заштита, но беше вклучен и епидемиолог кој ги прегледуваше сите наши материјали бидејќи беа поврзани со здравствени мерки- изјави, претседателката на „Инклузива“, Благица Димитровска.
Во рамките на проектот, посочува Димитровска, била доставена иницијатива до Комисијата за јавно здравје со која барале сите заштитни мерки на гласачките места да ги опфатат и луѓето со попреченост, а потоа и до ДИК, по што поголем дел од барањата на „Инклузива“ биле вметнати во Протоколот за гласачките места.
- Потоа, беше подготвен прирачник на лесно разбирлив јазик особено значајно за лицата кои се глуви и лицата со интелектуална попреченост, сликовити прикази кои ги доставивме до ДИК, тие ги доставија до сите општински изборни комисии, подготвивме видео кое беше направено според стандардите за пристапност така што можеа сите видови на лица со попреченост да бидат информирани што треба да прават на гласачките места и спроведовме кампања на социјални мрежи каде што очекувавме да имаме илјада следбеници, пријатно бевме изненадени 38.262 следбеника имавме во периодот од шести јуни до 16 јули. Тоа е огромна бројка каде што граѓаните се информираа, поставуваа прашања директно на социјални мрежи, но и на телефоните во нашата канцеларија, изјави Димитровска.
Откако материјалите комплетно биле подготвени, станале достапни и за Државната изборна комисија, видеото било поставено на нивната веб страна, а се вклучило и Координативното тело за правата на лицата со попреченост се со цел лицата со попреченост да излезат и да гласаат.
- Лицата со попреченост излегоа меѓу најхрабрите гласачи. Организиравме фокус групи по изборите и од 22 лица вклучени во фокус групите, само едно лице не гласало, а 21 гласале. Тие укажаа на недостатоците кои постоеја на гласачките места, изјави Димитровска.
„Инклузива“ во моментов подготвува иницијатива што ќе биде доставена до релевантните институции, дополнува Димитровска, потенцирајќи дека соработката помеѓу сите засегнати страни може да направи големи промени за подобра иднина на секој граѓанин. ам/фф/

Остани поврзан