• недела, 22 декември 2024

Иницијатива „Тетово сака парк“: Уште чекаме на ветената средба со општинската администрација во врска со изградба на градски парк

Иницијатива „Тетово сака парк“: Уште чекаме на ветената средба со општинската администрација во врска со изградба на градски парк

Тетово, 18 мај 2022 (МИА) - Иницијативата „Тетово сака парк“ информира дека иако било договорено со градоначалникот пред еден месец, се уште нема средба на стручни лица кои би дискутирале за можностите за реализација на идејата за формирање на прва градска парковска површина.

Од иницијативата велат дека релативно долго чекааат, во надеж дека позитивно ќе биде одговорено на барањето, но сѐ уште немаат добиено одговор ниту од кабинетот на градоначалникот, ниту од општинските служби.

-На средбата со градоначалникот на Општина Тетово, Биљал Касами, одржана на 19 април оваа година начелно се согласивме да одржиме средба на стручно ниво со стручни лица од Општината, на која подетално би навлегле во можните решенија во насока на исполнување на нашите барања за вистински градски парк. Како иницијатори, во духот на конструктивноста, охрабрени и од желбата на градоначалникот за таква средба, поднесовме писмено барање до општинската архива, доставено на  27 април а заверено со број 09-4207/1, во кое и формално побаравме таква средба на стручно ниво; притоа го обелоденивме и нашиот состав од пет стручни лица, се вели во дописот на „Тетово сака парк“

Оттаму посочуваат дека како граѓани заслужуваат фер однос во комуникацијата со општината.

-Не сакаме да веруваме дека ваквото калкулирање и игнорирање е намерно и малициозно. На Тетово му треба градски парк и повеќе зелени површини, а не ваков однос кој е на штета на сите. Сметаме дека е недозволива ваквата ноншалантност кон очекувањата на граѓаните, имајќи предвид колкава поддршка добивме, но имајќи ја предвид и состојбата во која се наоѓа градот. Не сакаме да веруваме дека ова е некакво купување на време, бидејќи сѐ уште веруваме во искрените намери на градоначалникот, но притоа порачуваме дека не сме наивни, а уште помалку - порачуваме дека не се откажуваме од нашата борба, велат иницијаторите.

Тие сега очекуваат позитивен одговор од општинската администрација, надевајќи се на соработка од нејзина страна, но истовремено веќе сериозно размислуваат и за други форми на борба.

-Во прв план би вклучиле одредени поднесоци до други институции и/или истражни органи, како и алармирање на меѓународната заедница за состојбата во која се наоѓа градот и за несериозноста на Општината во целост, почнувајќи од избраните органи на општината, па сѐ до административните службеници, образложуваа од граѓанска иницијатива „Тетово сака парк“.

Тетово нема зелен простор поголем од еден хектар што е минимум за една површина да се нарече парк. Оваа иницијатива предлага пренамена на четири урбани блокови со намената Д- за зеленило и рекреација со што би се добиле максимални 16 хектари прв градски парк.ас/бт/

Остани поврзан