• четврток, 14 ноември 2024

Иницијатива за поттикнување на љубовта кон читањето кај децата

Иницијатива за поттикнување на љубовта кон читањето кај децата

5 март 2024 

Во петок, 1 март 2024 во организација на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и Фондацијата „Ѓорѓи Марјановиќ“, се одржа трибина „Како да се поттикне и поддржи читателскиот интерес кај децата и младите“, посветена на еден од најголемите предизвици со кој се соочува нашата земја.

 

На трибината Александар Марјановиќ, извршниот директор на Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ, ја претстави иницијативата за поттикнување на љубовта кон читањето кај децата која се темели на важноста да им се чита на децата, што е особен предизвик во услови кога и самите родители не читаат.

 

Според иницијативата, Фондацијата ќе започне со креирање јавно достапни и бесплатни ресурси составени од аудио снимки од читање извадоци од книги за деца и статии во врска со читањето и неговата важност во развојот на младите. Овие ресурси наменети им се пред сè на родителите, но и на наставниците по македонски јазик, одделенските и класните раководители, како и на раководителите на литературните, драмските и библиотекарските секции во основните училишта.

 

Во проектот ќе бидат вклучени библиотекарите и издавачките куќи кои ќе доставуваат свои предлози за читање извадоци од книги за деца, студенти на факултетот за драмски уметности, глумци и искусни говорници кои ќе бидат вклучени во читањето и психолозите кои ќе бидат поканети да учествуваат со подготовка и доставување стручни статии во врска со важноста на читањето.

 

„Користењето аудио снимка од книга што се чита има сличен ефект како родител кој директно чита приказни пред спиење. Слушањето приказни што се читаат на глас го вклучува мозокот на детето да обработува информации, ги вклучува сите мозочни мрежи, поттикнува на размислување. Потоа, им помага на децата да го развијат својот вокабулар, да ги подобрат вештините за разбирање и имагинација и да ја подобрат когнитивната способност (внимание,  концентрација и меморија). Ги изложува на различни наративни стилови, тонови и гласови, што може да го збогати нивното разбирање за раскажувањето. Дополнително, со подобрување на нивното ментално здравје несомнено ќе создаде позитивна поврзаност со книгите и читањето, поттикнувајќи ја љубовта кон литературата“ – изјави Марија Конеска, психолог, претставник на Комората на психолози.

 

„Наместо да чекаме други да ни ги решат проблемите, време е да преземеме не само одговорност туку и конкретни, решителни чекори вклучувајќи се заедно во решавање на еден од најголемите проблеми во нашето општеството“ изјави Александар Марјановиќ.

Фондација Ѓорѓи Марјановиќ

___________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

фото: Фондација Ѓорѓи Марјановиќ

 

Остани поврзан