• петок, 05 декември 2025

Индиските безбедносни служби уапсиле поголем број осомничени за смртоносната експлозија во Њу Делхи

Индиските безбедносни служби уапсиле поголем број осомничени за смртоносната експлозија во Њу Делхи

Њу Делхи, 12 ноември 2025 (МИА) - Индиските безбедносни сили денеска соопштија дека неколку осомничени се уапсени во истрагата за смртоносниот автомобил-бомба во Њу Делхи оваа недела во спорниот регион Кашмир.

Во експлозијата која се случи во понеделникот во близина на Црвената тврдина во Њу Делхи загинаа осум лица, а повеќе од 20 беа повредени.

Индиските власти вчера соопштија дека го третираат нападот како можен терористички чин, давајќи им на истражителите пошироки овластувања за апсење или притворање на лица.

Експлозијата се случи неколку часа откако полицијата во индискиот Кашмир соопшти дека разбила милитантна ќелија која дејствувала од Кашмир до периферијата на Њу Делхи. Доколку се потврди дека станува збор за намерен напад, тоа ќе биде најсмртоносниот самоубиствен бомбашки напад во индиската престолнина од 2011 година.

Најмалку пет лица беа приведени во серија рации во текот на ноќта во округот Пулвама во јужен Кашмир, соопштија денеска полициски претставници. Вкупно седум осомничени, меѓу кои и двајца лекари, беа уапсени во полициски операции низ целата земја, а полицијата заплени оружје и голема количина материјали за производство на бомби во градот Фаридабад во државата Харијана, во близина на Њу Делхи. мс/

фото: ЕПА архива

Остани поврзан