• недела, 22 декември 2024

Илјадници Палестинци бегаат од северот на Газа по наредбата на израелската војска за евакуација

Илјадници Палестинци бегаат од северот на Газа по наредбата на израелската војска за евакуација

Ерусалим, 13 октомври 2023 (МИА) - Палестинците денеска почнаа масовен егзодус од северна Газа, откако израелската армија им нареди на жителите да се евакуираат во јужниот дел од енклавата, во наредбата без преседан пред очекуваната копнена офанзива против владејачката милитантна група Хамас.

Илјадници Палестинци, кои живеат на северот на територијата од 362 квадратни километри под контрола на Хамас, ја напуштаат со автомобили, мотори, камиони или пеш, пишуваат француските медиуми.

ОН предупредија дека ќе биде катастрофа да избегаат толку голем број луѓе во толку кус период, бидејќи наредбата се однесува на околу еден милион луѓе, или половина од населението во Газа.

Хамас, кој минатата сабота организираше шокантен и брутален напад врз Израел и оттогаш истрела илјадници ракети на израелска територија, ја отфрли израелската наредба за евакуација како измама и ги повика жителите да останат во своите домови.

Наредбата за евакуација на градот Газа, дом на стотици илјади Палестинци, предизвика голема паника меѓу цивилите и хуманитарните работници, кои веќе бегаат од израелските воздушни напади и се соочуваат со целосна опсада на Газа, каде што се прекинати снабдувањето со вода, електрична енергија, храна и други потреби.

-Заборавете на храната, струјата, горивото. Единствената грижа сега е дали ќе преживеете, изјави Небал Фарсах, портпаролка на палестинската Црвена полумесечина во градот Газа.

Израелската армија ги повика цивилите во северниот дел на Газа да се преселат на југ, наредба што се однесува на 1,1 милион луѓе, наведува ОН. 

Доколку се спроведе оваа наредба, тоа би значело дека целото население на енклавата би било натрупано во јужниот дел на појасот, долг само 40 километри. Израелските воздушни напади денеска продолжија врз населбите низ јужниот дел на Газа. сд/

фото:ЕПА

Остани поврзан