Израелските сили велат дека убиле двајца членови на либанскиот Хезболах
- Израел соопшти дека елиминирал двајца членови на движењето Хезболах, поддржано од Иран.
Бејрут, 7 октомври 2025 (МИА) - Две лица се убиени денеска во израелските напади во јужен Либан, соопшти либанското Министерство за здравство.
Израел соопшти дека елиминирал двајца членови на движењето Хезболах, поддржано од Иран.
Министерството во соопштението наведува дека во израелски напад со беспилотно летало врз градежно возило загинало едно лице. Во друг воздушен напад загинало едно лице, а друго било рането.
Израелската армија соопшти дека го убила „терористот на Хезболах, Махмуд Али Иса“, за кого се вели дека бил „локален претставник на Хезболах во областа Кафра“. Тој бил одговорен за финансиските и воените врски на движењето со жителите на населбата Деир Амес.
Дополнително, израелската војска додаде дека „елиминирале уште еден терорист на Хезболах, оператор на градежна машина во областа Зебкин“. Според нив, тој се обидувал да ја обнови „инфраструктурата што ја користат терористите“.
И покрај примирјето од 27 ноември 2024 година, со кое заврши повеќе од една година конфликт меѓу Израел и Хезболах, израелската војска продолжува да извршува речиси секојдневни напади во Либан, наведувајќи дека го напаѓа проиранското движење и обвинувајќи го за обнова на своите сили.
Хезболах во моментов е ослабен и под сериозен притисок да го предаде своето оружје на државата. мс/
фото: МИА архива