• петок, 05 декември 2025

Израелски министер Кац: Ќе нанесеме болни удари врз сириската Влада

Израелски министер Кац: Ќе нанесеме болни удари врз сириската Влада

Тел Авив, 16 јули 2025 (МИА) – Израел ќе ѝ нанесе „болни удари“ на сириската влада, изјави денеска израелскиот министер за одбрана, Јоав Кац, додавајќи дека армијата ќе продолжи со дејствија во поддршка на Друзите во Сирија.

- Сега следуваат болни удари, порача Кац откако израелската војска изврши напад врз зградата на сириското Министерство за одбрана. Тој најави дека Израел ќе продолжи со силна интервенција во регионот на Свеида со цел уништување на силите кои, според Тел Авив, ги напаѓаат Друзите.

- Нашите браќа Друзи во Израел можат да сметаат на Израелските одбранбени сили за заштита на нивните роднини во Сирија. Премиерот (Бенјамин) Нетанјаху и јас, како министер за одбрана, ќе ја исполниме дадената заклетва, изјави Кац.

Претходно денеска, израелски дронови го нападнаа сирискиот град Свеида, каде што продолжуваат вооружените судири меѓу владините сили и локалните борци од редовите на Друзите, и покрај објавеното примирје.

Духовното раководство на Друзите апелираше до вооружените фракции да соработуваат со владините сили и да го предадат оружјето на Министерството за внатрешни работи на Сирија.

Судирите претходно започнаа меѓу бедуински милитанти и вооружени припадници на друската заедница. Израелската армија потврди дека напаѓала тенкови во регионот и предупреди да не се напаѓа друското население. ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан