Израелската ПВО пресретна ракета истрелана од Јемен
- Израелската армија денеска соопшти дека повторно пресретнала ракета истрелана од Јемен. Сирените за тревога се огласија во Тел Авив, областа околу Ерусалим, како и на окупираниот Западен Брег
Тел Авив, 1 јуни 2025 (МИА) – Израелската армија денеска соопшти дека повторно пресретнала ракета истрелана од Јемен. Сирените за тревога се огласија во Тел Авив, областа околу Ерусалим, како и на окупираниот Западен Брег.
Јеменските бунтовници Хути презедоа одговорност за нападот, тврдејќи дека истрелале балистичка ракета кон аеродромот „Бен Гурион“ во близина на Тел Авив.
Изминатите недели Хутите повеќепати лансираа ракети врз Израел. Поголемиот број проектили истрелани од јеменска територија се пресретнати во воздух. Но, пред три недели, проектил првпат ја погоди околината на меѓународниот аеродром „Бен Гурион“, при што беа повредени неколку лица.
Од почетокот на војната во Појасот Газа во октомври 2023 година, проиранската милиција Хути редовно го напаѓа Израел со ракети и беспилотни летала во знак на солидарност со Хамас.
Израел на нападите возвраќа со воздушни напади врз цели на Хутите, а неодамна го нападна и аеродромот во главниот град на Јемен, Сана. ми/
фото: МИА архива