• четврток, 26 март 2026

Изложба „Реминисценции“ на мултимедијалниот уметник Страхил Петровски во Париз

Изложба „Реминисценции“ на мултимедијалниот уметник Страхил Петровски во Париз

Куманово, 3 јуни 2025 (МИА) - Мултимедијалниот уметник од Куманово, Страхил Петровски со изложбата насловена „Реминисценции“ ќе се презентира пред публиката во Париз. Изложбата ќе биде отворена утре, во „Abstract Project Gallery“ во Париз, Франција. Делата на Петровски работени последнава година ќе бидат изложени до 14 јуни.

Според кустосот и историчар на уметност Сандра Деспотовиќ, изложбата претставува нова фаза во креативните дела на Петровски, создадени со големи индустриски хартии (530×83 см.) и слики со помали димензии, изведени во комбинирана техника на платно. Тие добиваат ново, подлабоко значење со секоја нова поставка и простор. Користејќи три бои уметникот создава визуелна симфонија инспирирана од антички мозаици, кои, пеат индустриски или прогресивен рок, одраз на современите борби со идентитетот и значењето, откривајќи „одраз на современиот свет закотвен во борбите со идентитетот и значењето во апстрактни форми, човекот бара признание – фигура, себе си и /или нешто слично на себе …“.

Петровски, роден во Куманово, е претставник на средната генерација визуелни и мултимедијални уметници. По дипломирањето завршил постдипломски студии на УКИМ. Неговата уметничка практика опфаќа повеќе форми и медиуми на изразување, како што се: сликарство, инсталација, концептуална уметност, фотографија и видеоуметност. Петровски, особено во последните години, користи теми поврзани со егзистенцијализмот и социополитички прашања како постконцептуален дискурс, но и длабоко естетски решенија како формалистички интерес. Голем број негови дела се наоѓаат во јавни и во приватни колекции, вклучувајќи музеи и галерии во земјава и во странство.

Член е на ДЛУМ од 1997 година, член на ДЛУБ од 2025 година, на ИКОМОС од 2001 до 2007 година и на ИКОМ од 2011 до денес. До 2023 година, работи како советник конзерватор – реставратор во НУ Национален конзерваторски центар – Скопје и како доцент по предметите фотографија и мултимедија на Факултетот за арт и дизајн при Европски универзитет во Скопје. Од 2024 година работи како советник конзерватор – реставратор во НУ Музеј на македонската борба за самостојност и е избран за вонреден професор на Факултетот за арт и дизајн при Европски универзитет во Скопје.

Досега изложувал самостојно во земјава и во странство - Париз, Њујорк, Словачка, Австрија, Италија, учествувал на бројни групни изложби, колонии. Добитник е на бројни награди и признанија. ам/мд/


Фото:  Abstract Project

Остани поврзан