• четврток, 20 февруари 2025

Изложба на фотографии „Вечни тела“ на Жарко Стојчевски и Искра Шукарова

Изложба на фотографии  „Вечни тела“ на Жарко Стојчевски и Искра Шукарова

Скопје, 18 февруари 2025 (МИА) - Изложбата на фотографии во рамки на проектот „Вечни тела“ од фотографот Жарко Стојчевски и кореографот Искра Шукарова вечер ќе биде отворена во Културно-информативниот центар – Скопје.

Проектот, како што информира КИЦ-Скопје, е осмислен од кореографката Искра Шукарова и фотографот Жарко Стојчевски, споделувајќи ги своите заеднички гледишта за возрасното тело на изведувачот, во соработка со петмина балетски уметници кои биле дел од ансамблот на Македонски народен театар, a потоа во Македонска опера и балет (денес Национална опера и балет- НОБ), а кои се наоѓаат во различни фази од својата кариера и животно искуство. 

Проектот е инспириран од работата на Шукарова со Екрем Хусеин во проектот „Црвениот лебед“ (2008) и има за цел да отвори простор за дискусија и нови визии за тоа што значи да се старее во тело кое е активно, моќно и значајно. Жарко Стојчевски, пак, е фотограф кој е инспириран од возрасното тело, прикажувајќи го доблесно и достојно за почит. 

Изложбата вклучува фотографии на денес пензионирани балетски уметници од Националната опера и балет- НОБ: Емилија Џипунова (р.1935 год.), претставничка на првата генерација балетски уметници, истакната солистка, педагог и критичарка; Снежана Шијак (р.1949), солистка; Зоица Пуровска-Велевска (р.1956 год.), првенка и педагог репетитор; Зоран Талев (р.1953 год.), солист и Ирена Лозинска (р.1961 год.), солистка, педагог и кореографка.

Проектот е поддржан од Културно-информативниот центар – КИЦ - Скопје. Реализацијата на фотографските сесии е во Photo Factory. Соработници на проектот се: Сашка Костовска Длака, Емил Шулајковски и Кристина Стојчевска.  Изведба на движења: Мила Блажевска, студент на катедра за балетска педагогија - ФМУ.

Изложбата ќе биде отворена до 2 март 2025 година. мд/аа/

Фото: Плакат

 

 

Остани поврзан