• петок, 05 декември 2025

Изложба на Мухамет Идризи во Куманово

Изложба на Мухамет Идризи во Куманово

Куманово, 27 ноември 2025 (МИА) - Во кумановскиот Центар за култура „Трајко Прокопиев“ вечерва со почеток во 19: 30 часот ќе биде отворена изложбата „Асоцијативни пејзажи (Метаморфоза на светлината)“ од авторот Мухамет Идризи. Изложбата содржи 20 слики, работени во техниката акрил на платно и се дел од најновата продукција на уметникот.

-Во време кога реалноста е предизвикана од нереалното и виртуелното, сликарот Мухамет Идризи избира да зборува преку слики што ги претставува со апстрактни мотиви, бои што експлодираат над растегнати платна со силна емоционална нијанса и длабоко апстрактно враќање што, од визуелна перспектива, го предизвикува гледачот да бара значење надвор од она што го гледаме и допираме, да ја бара и извлекува убавината дури и во несовршеното, наведуваат од Центарот за култура и ги покануваат кумановци да ја проследат изложбата.

Мухамет Идризи е роден 1986 година во Куманово. Дипломирал во Државниот Универзитет во Тетово, отсек сликарство, во класата на професор Иљиријан Беќири во 2009 година. Магистерските студии ги завршил на Универзитетот „Свети Кирил и Методи“ – Скопје, во класата на професор Јован Шумковски во 2019 година, насока Сликарство. Од 2010 година работи како наставник во основно училиште во Липково. Во 2019 година ја доби наградата за најдобар цртеж на колективната ликовна изложба „Моето Перо“ Куманово. Реализирал самостојни изложби, учествувал и на многу групни ликовни изложби.

Проектот воедно е дел и од годишната програма на Центарот и е поддржан од Министерството за култура и туризам. Изложбата ќе биде поставена поставена до 11 декември, годинава. ам/вј/

Фото: НУЦК

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан