• сабота, 18 мај 2024

Изложба на Горан Боев во Вински музеј Кавадарци по повод светскиот ден на музеите

Изложба на Горан Боев во Вински музеј Кавадарци по повод светскиот ден на музеите

Кавадарци, 18 мај 2023 (МИА) - Изложба на академскиот сликар Горан Боев ќе биде отворена денеска во Вински музеј Кавадарци, по повод Светскиот ден на музеите. Ќе бидат изложени неговите најнови ликовни дела.

Главно масла на платно создадени изминатиов период, кои ги карактеризира силна експресија и емоција, во кои уметникот експериментира со боите и концептите, за да создаде интензивни дела кои оставаат силен впечаток кај публиката, информираа организаторите на изложбата. Оттаму нагласија дека во дел од делата силно се наметнуваат вековните интереси на луѓето од овој регион, колоритот и етнографијата на повардарието, љубовта кон виното, природата, добрината и мекоста на луѓето од овој крај и секако, безвременската убавина на жените од Македонија.

 - Се‘ на овој свет брзо поминува, но убавината и безвременоста на ликовните дело на Боев ќе останат за вечноста! Како кавадарчани сме исклучително горди што имаме сограѓанин како Горан Боев, уметник  кој со својата креативност, неуморна творба создава дела кои имаат светска вредност, истакнаа од општината Кавадарци, кои се и организатори на оваа изложба.

Оттаму додадоа дека автентичната оригинална  уметност, претставува  културно богатство на еден народ. 

- Такви се и делата на Боев, во нив се чувствува енергијата и топлината на македонскиот народ, човечноста на нашите луѓе и убавината на нашите предели, на нивната безгрижност, емпатија и оптимизам. Токму оптимизмот, природноста и спонтаноста на неговите дела, будат ново искуство кај секого кој ќе се сретне со неговите уметнички дела, рекоа организаторите. 

Боев, пак, вели дека уметничкото дело, еднаш изведено од раката на уметникот, продолжува да егзистира самото по себе и да сведочи за својата вредност, оставајќи му простор на рецепиентот, самиот да ја дешифрира идејата, ја поттикнува неговата имагинација и желба самиот да го осознае нејзиното значење, притоа создавајќи мистичност, што придонесува кон уште поголема привлечност и взаемен флуид. свд/дма/


Фото: Вински музеј Кавадарци 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан