• петок, 05 декември 2025

Изложба за спортските успеси на борачот Шабан Трстена во Гостивар

Изложба за спортските успеси на борачот Шабан Трстена во Гостивар

Гостивар, 13 август 2025 (МИА) – Во присуство на спортски работници, почитувачи на спортот, вечерва во галеријата на центарот за култура „АСНОМ“ во Гостивар беше отворена историско – спортска изложба посветена на кариерата на олимпискиот шампион Шабан Трстена. Овој настан е посветена на 41 години од освојувањето на олимпискиот златен медал во борење. Покрај двете олимписки медали (злато и сребро), публиката можеше да види и четириесетина фотографии на кои е претставен дел од спортските успеси на некогашниот борач Шабан Трстена.

Тој пред публиката напомна дека неговиот сон се остварил на 10 август 1984 година во Лос Анџелес со искачувањето на олимпискиот трон.

- Да се достигне тој висок спортски врв каде што само најсилните и најхрабрите можат да се искачат потребно е многу жртвување и работа. Навистина вредеше, бидејќи го остварив сонот да бидам шампион како мојот идол Мохамед Али. Целта ја постигнав благодарение на двајца легендарни тренери кои имаат посебно место и големи заслуги во мојот животот и кариера, покојните Хајруш Синани и Насе Насев, рече во обраќањето некогашниот борач Шабан Трстена.

Во претставувањето на изложбата која пред публика за прв пат, лани, беше претставена во Скопје, а потоа и во Тетово, се посочи дека тој е најмладиот борач олимписки шампион со 19 години, а тој рекорд не е соборен.

Покрај олимписката титула, Трстена има осум медали од европски и две од светски првенства. Прогласен е за најдобар борач во светот и во Европа и на Олимписките игри во 1984 и 1988 година. Трстена ја понесе и титулата спортист на 20-тиот век во Македонија.

Четири години подоцна, по освоената титула олимписки шампион, на Олимписките игри во Сеул 1988 година, Шабан Трстена освои сребрен медал. Поради повреда на коленото во финалната борба не стана олимписки шампион по втор пат. згм/дма/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан