Изложба „Вертикални форми на населување на градот Велес“
- Во Ликовниот салон во Велес е отворена изложбата „Вертиклани форми на населување на градот Велес. Млади дипломирани архитекти, од кои една докторант и останатите магистри, преку 3Д модели, макети, фотографии, технички цртежи и податоци поврзани со 13 од вкупно 21 градежни објекти за домување или кули, десеттина стари велешки куќи и Градската саат кула, ја претставија архитектонската приказна на градот Велес.
Велес, 28 октомври 2025 (МИА) - Во Ликовниот салон во Велес е отворена изложбата „Вертиклани форми на населување на градот Велес. Млади дипломирани архитекти, од кои една докторант и останатите магистри, преку 3Д модели, макети, фотографии, технички цртежи и податоци поврзани со 13 од вкупно 21 градежни објекти за домување или кули, десеттина стари велешки куќи и Градската саат кула, ја претставија архитектонската приказна на градот Велес.
Тимот на изложбата „Вертикални форми на населување“, презентира резултати на истражувачки проект, во национални рамки, со кој се опфатени вкупно 17 македонски градови, а меѓу нив и Велес. Авторскиот тим кој ја создаде оваа изложба е составен од Марија Петрова – Фафа, Сара Јованоска, Теодора Стеваноска, Ахмед Пошка, Горан Трајановски, Кирил Кочоски, Дејан Јанев и Ангела Петроска.
За оваа изложба авторите добија соработка од Подрачната единица на Државниот архив на Македонија и Локалната установа Народен музеј од Велес.
Авторите на изложбата појаснија дека во Велес, градот на стрмни ридови и гостољубиви височини е претставена архитектонската изложба, која преку макети, фотографии и кратки презентации ја раскажува приказната за велешката панорама – дом на живописната староградска куќа, скромната рана модерна и станбените кули од XX век.
Според авторите, велешките кули се многу повеќе од обични згради. Тие се сведоштво за стремежот кон модерност, кон живеење „во височина“, кон новиот урбан идентитет на минатиот век. Од „Жаба зграда“ и „Зградата ХИВ“, преку кулата на Мостот на Гемиџиите, па сè до кулите на булеварот „Благој Ѓорев“.
Авторите посочуваат дека изложбата ја следи трансформацијата на домувањето во височина – од инженерски иновации до живи симболи на градското секојдневие.
Во дебатата по темата говореа: Минас Бакалчев - „Дрвото, човекот и градот: Случајот со седумте јавори во Велес“, Мартина Штериова - „За архитектурата, истражувачката дејност и градителското културно наследство“, Марија Петрова - „Станбените кули во градот Велес - Наследство од застарената иднина“.
Инаку проектот е дел од Годинашната програма од национален интерес за 2025 година од Министерството за култура и туризам.ад/вј/
Фото: Народен музеј Велес