• петок, 22 ноември 2024

Изложбата „Пресеци“ ќе биде отворена во македонскиот културно-информативен центар во Загреб

Изложбата „Пресеци“ ќе биде отворена во македонскиот културно-информативен центар  во Загреб

Куманово, 15 октомври 2024 (МИА) - Изложбата „Пресеци“ на македонските уметници, Стефан Анчевски и Марјан Стојановски, вечерва со почеток во 19 часот ќе биде отворена во македонскиот културно-информативниот центар  во Загреб, информираа денеска уметниците.

Изложбата ги поврзува двајца уметници со разни автономни и своеобразни ликовни изрази, обединети преку линијата како главен двигател во композициската наративност.

Академскиот графичар Стефан Анчевски создава слободни отворени и шаховски композиции во кои е присутна хармонија по аналогија. Во одредени композиции преовладува спонтан пристап и употреба на бојата, каде доаѓа до израз нејзината вискозност и флуидност. Со разлевањето на бојата врз површината тој создава мрежи од испреплетени линии со разни големини кои се движат во спротивни насоки. Во шаховските композиции преовладува слободен ритам и спонтан редослед при распоредувањето на контрастните линии и форми (тенки и дебели, кратки и долги, светли и темни, мазни и рапави), притоа се создава динамичен дијалог и јасна синтеза. Неговата сликарска палета ја сочинуваат црната и белата боја, како и разни нијанси на сивата и кафеавата боја. Градација на боја е присутна во позадините на апстрактните и парадигматски композиции.

Динамичните контурни линии во слободните асоцијативни апстракции на академскиот скулптор и сликар Марјан Стојаноски, откриваат експресивен потег со брз и енергичен набој. Во неговите сликарски творби контрастната игра на линиите со различни карактерни обележја (нежни и груби, меки и цврсти, разиграни и крути) и акцентираните боени површини го предводат визуелниот наратив и семиотички дијалог, непосредно изразувајќи ја личната богата имагинативност и сензибилност. Со различни комбинации уметникот создава апстрактни композиции со асиметрична рамнотежа. Применувајќи цртачки и сликарски техники (јаглен и акрил), тој компонира драматични и синергични претстави исполнети со визуелни метафорични синтагми.

Стефан Анчевски е визуелен и мултимедијален уметник од Куманово. Дипломирал графика на Факултетот за ликовни уметности во Скопје при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Тој учествувал на бројни групни изложби, претставувања во земјава и странство и реализирал девет самостојни изложби. Добитник е на бројни награди и е член на на ДЛУМ. Марјан Стојаноски уметник од Прилеп завршил ФЛУ во Скопје. Член е на ДЛУМ, добитник на награди, реализирал бројни самостојни и групни изложби. Вработен е во Центарот за култура „Марко Цепенков“ ликовна дејност.

Изложбата е поддржана од Министерството за култура. ам/цр


Фото: Плакат

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан