• понеделник, 23 декември 2024

Излезни анкети: Полската националистичка опозиција ПиС води на локалните избори

Излезни анкети: Полската националистичка опозиција ПиС води на локалните избори

Варшава, 8 април 2024 (МИА) – Националистичката опозициска партија Право и Правда (ПиС) води на локалните избори во Полска, покажаа излезните анкети, што претставува удар за амбициите на премиерот Доналд Туск да ја консолидира власта.

Доколку бидат потврдени, резултатите ќе ги уништат надежите на Туск да ја доведе својата Граѓанска коалиција (КО) на првото место на изборите независно од неговите партнери во владејачката коалиција.

Иако ПиС беше пред КО, сепак е значително зад комбинираниот резултат на трите групи што ја сочинуваат коалициската влада. ПиС освои 33,7 отсто, според излезната анкета на Ипсос, пред КО, која имаше 31,9 отсто. Останатите групи во владата, Третиот пат на десниот центар и Левица освоија 13,5 отсто, односно 6,8 отсто.

Полјаците избираа членови на 16 регионални собранија, чиј состав приближно ја одразува поддршката за главните партии, како и илјадници локални советници и градоначалници.

Туск дојде на власт по националните избори во октомври, со ветувања дека ќе го смени демократското назадување, ќе ги зголеми правата на жените и малцинствата и ќе ги поправи врските со западните сојузници на Полска кои беа затегнати за време на претходната влада.

ПиС беше прв на изборите во октомври, но го загуби мнозинството, а во последно време партијата и нејзините сојузници беа зафатени од внатрешни конфликти.

Брисел внимателно следи како стои коалицијата на Туск додека се соочува со изборите за Европскиот парламент во јуни. Истражувањата на јавното мислење низ Европа покажуваат дека популистичката десница ќе има добри резултати. јт/

Остани поврзан