• понеделник, 07 јули 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Излезе „Македонски безбедносни лавиринти“ – петта книга на Свето Стаменов и Трајан Гоцевски

Излезе „Македонски безбедносни лавиринти“ – петта книга на Свето Стаменов и Трајан Гоцевски

Скопје, 17 април 2025 (МИА) - Од печат излезе „Македонски безбедносни лавиринти“ – V книга на Свето Стаменов, политиколог и поранешен новинар на Македонското радио – Радио Скопје, и на проф. д-р Трајан Гоцевски, универзитетски професор во пензија и поранешен декан на Филозофскиот факултет во Скопје, експерт од областа на одбраната и безбедноста, министер за одбрана во првата влада на независна и суверена Република Македонија и поранешен член на Советот за безбедност на Република Северна Македонија.

Оваа петта книга на „Македонски безбедносни лавирити“, која е природно продолжение на претходните четири книги (трилогијата која под ист наслов беше објавена во 2019 година и во која во три книги беа објавени 49 интервјуа кои беа емитувани на брановите на Македонското радио – Радио Скопје во периодот од 2006 до 2018 година, и четвртата книга, објавена во 2022 година со 20 интервјуа реализирани во 2019 и 2020 година), ја продолжува своевидна приказна за македонските безбедносни лавиринти во 2021 и во 2022 година со 28 интервјуа кои беа реализирани во редовната попладневна програма „Актуелно” и во редовната саботна претпладневна програма „Радио спектар”, сега „распослани” на околу 520 страници.

За разлика од претходните четири, оваа петта книга има два дела кои чинат една логична целина. Првиот дел ги содржи интервјуата кои логично се поврзани со настани, постапки, процедури и случувања поврзани со нашата национална безбедност и одбрана, како и на други значајни настани во нашава земја, но и пошироко во регионот, европскиот континент и светот во 2021 и во 2022 година

Вториот дел, пак, ги содржи 11 интервјуа од серијалот посветен на триесетгодишнината од формирањето на Армијата на Република Северна Македонија, кои под насловот „30 години македонска армија: Од работ на бездната до НАТО-армија низ етерот на Македонското радио - Радио Скопје“, беа реализирани во рамките на програмите „Актуелно“ и „Радио спектар“ од 26 март до 18 август 2022 година, со кои Македонското радио - Радио Скопје се вклучи во одбележувањето на овој значаен јубилеј на македонската армија. Во интервјуата детално и хронолошки се опишуваат условите во кои е формиран самостојниот македонски одбранбен систем и самиот процес на формирањето на неговата оружена компонента – Армијата на Република Македонија, што беше клучен фактор за конечното профункционирање на Република Македонија како независна држава, потоа десетте фази во развојот на македонската армија и предизвиците со кои беше соочена таа во изминатите три децении, како и нејзиното учество во меѓународните мировни мисии и процесот на нејзиното целосно интегрирање во структурите на НАТО-сојузот, односно добивањето статус на НАТО-армија. Овие интервјуа, всушност, се и своевидна исповед и сведоштво на еден од најодговорните луѓе на македонската одбрана во периодот на осамостојувањето на Република Македонија и на создавањето на самостојниот македонски одбранбен систем и, особено, на македонската армија, која беше формирана под негово непосредно раководство во сега веќе далечната 1992 година.

Оваа петта книга на „Македонски безбедносни лавиринти“, во знак на огромна и искрена благодарност, авторите ја посветуваат на Искра Чоловиќ (1960-2023) - доајен на македонското радио-спикерство, новинар и истакнат македонски публицист, од која во 2017 година потекна идејата за „Македонски безбедносни лавиринти“.

Книгата е збогатена и со пригодни текстови–рецензии на проф. д-р Стево Пендаровски – поранешен претседател на Република Северна Македонија, генерал-мајор Сашко Лафчиски – началник на Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија, проф. д-р Цане Т. Мојаноски, проф. д-р Ненад Марковиќ и проф. д-р Милан Јазбец – поранешен амбасадор на Република Словенија во Скопје.            

Инаку, Свето Стаменов и проф. д-р Трајан Гоцевски, покрај сега веќе оваа своевидна пенталогија „Македонски безбедносни лавиринти“, коавтори се и на книгите „Македонски безбедносни лавиринти“ (2015), „Армија на мирот“ (2017), „Македонија во НАТО“ – I и II книга (2020) и „30 години македонска армија: Од работ на бездната до НАТО-армија низ етерот на Македонското радио - Радио Скопје“ (2023). дма/аа/

Фото: Корица на книгата  „Македонски безбедносни лавиринти“ 

 

Остани поврзан