• четврток, 14 ноември 2024

ИЗИИС го заврши европскиот проект „Интегрален систем за процена на ризикот“

ИЗИИС го заврши европскиот проект „Интегрален систем за процена на ризикот“

Скопје, 27 октомври 2022 (МИА)Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија од Скопје (ИЗИИС) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ со завршна конференција, на која се сретнаа најдобрите експерти во областа, го заокружи двегодишниот проект кој го лоцира Институтот на меѓународен план, како реномирана институција на ова поле.

Како што информираат од ИЗИИС, проектот почна во 2020 година и беше поддржан од програмата на Генералниот директорат на Европската цивилна заштита и операции за хуманитарна помош, DG – ECHO при Европската комисија. Во проектот покрај ИЗИИС учествуваа и Центарот за управување со кризи од Скопје, EUCENTRE од Павиа, Италија, Универзитетот Аристотел од Солун, Политехничкиот Универзитет од Тирана. 

- Во овој меѓународен проект ИЗИИС беше координатор, привилегија која е реткост за македонски институции во меѓународни проекти финансирани од Европската Унија. Секако тоа носи и голема одговорност во целиот процес: од подготовка на предлог-проектот, аплицирање, преговарање, менаџирање и навремена реализација на сите планирани активности. Проектот се реализираше во периодот 2020 - 2022. Реномирани домашни и странски експерти од нашите области две години работеа на истражувања кои ќе имаат примена во пракса преку Центрите за управување со кризи. Ова само ќе покаже, дека научните достигнувања треба и мора да имаат примена во правец на изградба на општество отпорно на катастрофи – resilient society. Високото реноме на меѓународен план како и општествената одговорност на ИЗИИС, уште еднаш се потврдуваат на дело со овој проект на кој сме особено горди, истакна директорот на ИЗИИС проф. д-р Влатко Шешов.

Конференцијата имаше дводневна агенда, при што првиот ден во Скопје, во просториите на ИЗИИС врвни европски експерти говореа и за свои искуства, но и како да се постигне добра координирана регионална и меѓународна соработка, која ќе ги вклучи современите научни сознанија од областа на менаџирање ризици од природни катастрофи.

Проектот CRISIS, како што се наведува, има за цел подобрување на управувањето со последиците од природни катастрофи преку изградба на усогласен и ефикасен систем за процена на ризикот на виталните објекти и транспортната инфраструктура во пограничниот регион на Северна Македонија, Грција и Албанија.

Во рамки на вториот ден од конференцијата учесниците беа во посета на Битола и реализираа средби со локалните партнери каде се презентира како проектот CRISIS обезбедува солидна основа за развој на кооперативен приод кон превенција и подготвеност во управување со катастрофи во пограничните региони на соседните земји лоцирани во регионот на Западен Балкан.

Во рамки на проектот, дефиниран е сеопфатен модел на изложеност кој е заснован на идентификуваните релевантни добра поврзани со виталните објекти и транспортната инфраструктура изложени на природни хазарди релевантни за регионот од интерес. За ефективното управување со вонредни ситуации направена е и веб-платформа која ќе ги обединува природните хазарди, моделот на изложеност, како и анализата на различни сценарија на ризик. Развиената методологија и веб-платформа претставуваат солидна основа за постигнување одржливост во однос на креирање мрежа од компетентни тела и развој на планови за управување со ризикот во пограничните региони. мд/дма/

Остани поврзан