Извештај на ИКС: Штетни политички наративи кај 10 политички партии и нивните лидери, 11 онлајн-медиуми и 9 телевизии
- Институтот за комуникациски студии (ИКС) го објави петтиот извештај во рамките на истражувањето „Мерење на политички штетни наративи“ (ШТЕТ-НА), што претставува сублимат на податоците од мониторингот на комуникациските практики на политичките актери во кои се идентификувани штетни наративи и нивното пренесување во медиумите во март 2024. Институтот за комуникациски студии нагласува дека кандидатите за претседател на државата не се предмет на овој мониторинг.
Скопје, 19 април 2024 (МИА) - Институтот за комуникациски студии (ИКС) го објави петтиот извештај во рамките на истражувањето „Мерење на политички штетни наративи“ (ШТЕТ-НА), што претставува сублимат на податоците од мониторингот на комуникациските практики на политичките актери во кои се идентификувани штетни наративи и нивното пренесување во медиумите во март 2024. Институтот за комуникациски студии нагласува дека кандидатите за претседател на државата не се предмет на овој мониторинг.
- Слично како и претходните месеци, најмногу штетни наративи се нотирани кај ВМРО-ДПМНЕ (43), потоа кај СДСМ (29) и кај Левица (27). Кај ДУИ се забележува зголемување на штетни објави во споредба со претходните месеци, а од опозициските партии на етничките Албанци во земјата, најмногу штетни наративи се забележани кај Алтернатива, се наведува во извештајот објавен од ИКС.
Се додава дека ова е прв едномесечен извештај од почетокот на мониторингот во септември 2023 година, што се прави со цел, подвлекуваат од ИКС, навремено да се детектираат штетните наративи пропагирани од политичките актери во поврзани со предизборната кампања.
На интернет- и на фејсбук-страниците на политичките актери во Македонија, посочуваат во извештајот од ИКС, најчесто се користи реторика во која се изнесуваат наводи за корумпираност, нетранспарентност/неотчетност, непрофесионалност, кои се користат како основа за обвинување на политички противници, поткопување на довербата во институциите, пристрасно селектирање на податоци што доведува до погрешни заклучоци и поттикнување општествено-политички поделби во јавноста.
Дел од медиумите кои се предмет на мониторингот, се вели во извештајот, во март продолжиле да им помагаат на политичките актери во ширењето штетни наративи.
Позитивно е што се забележува намалување на бројот на „штетни“ прилози во централните вести кај деветте ТВ-станици.
- ТВ Алфа е повторно медиумот кај кој се регистрирани најголем број прилози со штетни наративи (35), но и кај оваа телевизија, како и кај повеќето кои се дел од анализата се забележува намалување споредено со февруари. Кај повеќето онлајн-медиуми пак, практиката на еднострасно пренесување на токсичната реторика на политичките актери продолжува со несмалено темпо. Порталот Курир е на првото место по бројот на “штетни“ објави (вкупно 42), а прв пат од кога е почнат мониторингот Независен, со вкупно 35 објави, се проби на второто место. Зад нив се А1он (23) и Република (21). Слично како и кај политичките актери најчести штетни наративи во медиумите се пристрасното селектирање, поткопување на довербата во институциите, напади на личноста и демонизација, поттикнување поделби и креирање дезинформации, стои во извештајот од ИКС.
Мониторингот на официјални канали за комуникација на владините претставници кои се истовремено и партиски функционери покажал дека тие продолжуваат со практиката да користат само еден фејсбук-профил преку кој комуницираат со јавноста за нивните активности, без разлика дали се партиски или се во својство на владини функционери. Нотирано е дека мнозинството членови на Владата на РСМ не употребуваат штетни наративи, но забележително е присуство на објави во кои министрите споделуваат партиски информации.
Истражувањето ШТЕТ-НА, ИКС го спроведува со истражувачи и експерти од областа на комуникациите и медиумите. Предмет на мониторинг се 10-те политички партии и нивните лидери чии партии бројат најмалку двајца пратеници во парламентарниот состав 2020 - 2024 година, како и фејсбук-комуникацијата на членовите на Владата на РСМ. Кај медиумскиот мониторинг се следат 11 онлајн-медиуми и 9 телевизиски станици.
Ова истражување се реализира во рамките на проектот „Употреба на новинарство засновано на факти за подигање на свеста и спротивставување на дезинформациите во медиумскиот простор во Северна Македонија: Користи факти“, поддржан од Британската амбасада во Скопје. цр/са/
Фото: МИА архива