• петок, 22 ноември 2024

Извештај на ЕК од скринингот: Високо ниво на усогласеност на македонската статистика со европското законодавство

Извештај на ЕК од скринингот: Високо ниво на усогласеност на македонската статистика со европското законодавство

Скопје, 17 август 2023 (МИА) - Официјална статистика на Република Северна Македонија има постигнато високо ниво на усогласеност со европското законодавство и меѓународните стандарди е оценката на Европската комисија содржана во нацртот на Извештајот од скрининг процесот на Кластер 1 – Фундаментални вредности во делот на Поглавјето 18 - Статистика.

Како што соопшти Државниот завод за статистика, Поглавјето 18 – Статистика, беше разгледувано на објаснувачкиот состанок со претставниците на ЕК – Евростат на 16 септември 2022, а потоа во ноември (14-15) се одржа билатералниот состанок со Евростат во Луксембург.

Она што го забележува Европската комисија и што го препорачува, наведуваат од ДЗС, е алокација за соодветни ресурси за да се постигне целосна усогласеност со европското законодавство. И во оценките на посебните домени на статистичка продукција, се наведува понатаму, ЕК констатира високо ниво на усогласеност и препорачува натамошни активности за постигнување на целосна усогласеност, наведуваат од ДЗС.

-Ова е уште една потврда, како што впрочем Европската комисија во последниве пет години констатира и во годишните извештаи за напредокот на Република Северна Македонија, дека Државниот завод за статистика, како главен носител и координатор на Националниот статистички систем, е високопрофесионална институција во рамките на органите на државната управа во Република Северна Македонија, која со право го заслужува епитетот на рамноправен член на европското статистичко семејство применувајќи ги европските принципи и стандарди во работењето како и сите други статистички институции на земјите членки на ЕУ, посочуваат од ДЗС.

Сите овие резултати и високи постигнувања, додаваат од оваа инстуција, се плод на максималната ангажираност и посветеност на сите вработени во институцијата кои постојано целосно се вложуваат за постигнување на поставените цели и покрај сите пречки со кои институцијата се соочува веќе подолг период, а кои, пред сè, се однесуваат на хроничниот недостиг на стручен кадар, недоволните финансиски средства за реализација на статистичките истражувања и за воведување на нови.

-Сепак сме горди и задоволни од постигнатото и со надеж дека на отворањето на Поглавје 18 во преговарачкиот процес со ЕУ, ќе имаме постигнато целосна усогласеност со европското законодавство во областа на статистиката, наведуваат од ДЗС.

Скрининг процесот за Кластерот 1 се спроведеа во периодот од септември до декември 2022 година. Во Кластерот 1 - фундаментални вредности покрај Поглавјето 18 - Статистика се опфатени и: Поглавје 23 – Судство и фундаментални права, Поглавје 24 – Правда, слобода и безбедност, Поглавје 5 – Јавни набавки и Поглевје 32 – Финансиска контрола. вг/са/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан