• недела, 22 декември 2024

Извештај на ЕК: Политизацијата во јавниот сектор дополнително ја поткопува довербата во работата на администрацијата

Извештај на ЕК: Политизацијата во јавниот сектор дополнително ја поткопува довербата во работата на администрацијата

Скопје, 2 ноември 2024 (МИА) – Управувањето со јавните служби и човечките ресурси останува недоволно, а одговорноста на администрацијата треба да се подобри,  исто како и управувањето со јавните финансии и услугите за граѓаните и бизнисот, се дел од оценките изнесени од Европската комисија во Извештајот за напредокот на Северна Македонија за 2024 година. 
 
- Политизацијата во јавниот сектор континуирано ја поткопува доследната примена на одредбите за заслуги и транспарентни процеси и дополнително ја намалува довербата во администрацијата и нејзината работа. Промената на владејачките структури по Парламентарните избори во мај 2024 година не донесе никакви подобрувања во овој поглед бидејќи беа сменети голем број средни раководни кадри, а многумина беа деградирани, стои во Извештајот.
 
Се забележува и дека се уште не се усвоени долгоочекуваните ревидирани закони за административните службеници и вработените во јавниот сектор со кои треба да има ангажман и унапредување на кадрите според заслуги.

Комисијата забалежува дека не се применуваат соодветно бројните измени на законите за јавниот сектор што беа донесени во 2014 година и оти и покрај постоењето на правила за спроведување на оценувањето на успешноста, тоа не се врши систематски или соодветно за целта.  
 
- Транспарентноста по основите за отпуштање на државните службеници е недоволна, а не се даваат податоци за отпуштања и на раководни и на нераководни кадри. Сè уште не е обезбедено соодветно следење на препораките на Државната комисија за спречување на корупцијата за подобрување на процедурите за вработување. Администрацијата се соочува со сериозни предизвици за привлекување и задржување на квалификуван обучен кадар. Спорадичните иницијативи за зголемување на платите во некои министерства или тела ја зголемија фрагментацијата на системот на наградување, а во некои случаи беа оспорени од Уставниот суд, наведува ЕК.

Упатува забелешки и дека постојаните промени на персоналот кој работи на управувањето и спроведувањето на фондовите на ЕУ ја поткопува ефективноста на овие мерки.  Исто така се забележува и дека многу високи позиции продолжуваат да се пополнуваат со вршители на должност.

-Голем број носители на раководни места беа сменети пред истекот на нивниот мандат и заменети со вршители на должност по Парламентарните избори во мај 2024 година. Бројот на привремени вработувања и вработувања со договор за услуги и понатаму е висок, без воспоставен систем за следење на нивниот ефективен број и времетраење на ниво на сите институции. Повеќето институции сега користат информациски системи за управување со човечки ресурси. Според извештаите на државниот ревизор, одреден број вработени во јавните служби добиваат плата и покрај тоа што немаат формална задача и не мораат да се појават на работа. Министерството за политички систем и односи продолжи да регрутира персонал и планира да ги распореди новите регрути во различни институции, се наведува во Извештајот на ЕК.

Меѓу останатото, се споделува и дека законодавството за укажувачи е задоволително и оти немало достапни информации за заштитата на свиркачите во 2023 година.

Како што стои во Извештајот, стратешката рамка за јавната администрација е поставена, квалитетот на Стратегијата за реформа на јавната администрација (РЈА) е генерално задоволителен, додека нејзината ефикасност е многу ограничена поради многу бавната имплементација.

Според ЕК, квалитетот и обемот на стратегијата се соодветни и таа ги покрива сите клучни реформски области, поставува јасна основа и цели и ги идентификува предизвиците на политиките. Сепак, укажува ЕК, политичката поддршка, менаџирањето, надзорот и управувањето со реформите на јавната администрација од страна на Владата беа недоволни, што дополнително беше поткопано од слабата координација меѓу Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) и Министерството за финансии, како и честите промени на раководството на МИОА.

-Новото Министерство за администрација (МА), формирано по реорганизацијата на МИОА на почетокот на јули годинава, продолжува да нема доволно човечки ресурси и поддршка за да ги поттикне реформите на техничко ниво. Структурите за следење и управување не функционираат целосно и ефективно.
 
Потребни се, укажува ЕК, дополнителни напори за разјаснување на одговорностите на институциите за креирање политики, за да се обезбеди нивно правилно функционирање, вклучително и зајакнување на улогата на Генералниот секретаријат.
 
- Развојот на политиката и законодавството заснован на докази е само делумно обезбеден. Квалитетот и влијанието на проценките на влијанието на регулативата и јавните консултации се многу ограничени. Околу половина од сите 123 закони донесени од Собранието во 2023 година беа одобрени по скратена постапка. Државава добива забелешки и за несоодветна употребата на процедурата „европско знаменце“ при носење на законите, која, како што се наведува, во голем број случаи не беше поврзан со закони кои првенствено се однесувале кон усогласување на националното законодавство со правото на ЕУ.
 
Ниту Собранието, ниту Владата немаат воспоставено процедури за систематска евалуација на законите и политиките, оценува ЕК. 
 
Во однос на јавната контрола на работата на Владата посочува дека годишниот план за работа на Владата и годишните извештаи не се јавно достапни. Констатира дека спроведени се само околу 40 проценти од планираните ставки во годишниот план за работа на Владата за 2023 година и само 22 проценти од предлог-законите.

- Голем е бројот на точки додадени на дневен ред на владините седници во последен момент. Дневните редови на владините седници не се објавуваат пред одржувањето на состаноците. Записниците и одлуките од владините седници не се објавуваат систематски на интернет, се дел од забелешките  на ЕК.
 
Констатирајќи дека управувањетото со јавните финансии треба дополнително да се подобрува ЕК оценува дека е доста ниска стапката на имплементација на  Програмата за реформи за управување со јавните финансии (ПФМРП) за периодот 2022-2025 година и оти формулирана нова програма за реформи за периодот 2024-2027 година, сè уште не е формално усвоена од Владата.  Новата програма која е структурирана во  осум столбови ги покрива главните слабости утврдени при меѓународните проценки.

Според ЕК,  институционалниот капацитет на Министерството за финансии и понатаму е ограничен, бидејќи се соочува со предизвици во привлекувањето и задржувањето на кадри со потребните вештини и квалификации.

Министерството за финансии, стои во Извештајот,  продолжи со напорите за подобрување на буџетската транспарентност со објавување на податоци за приходите и расходите на јавните институции, локалните власти и државните компании на квартална основа. Транспарентноста на Буџетот продолжува да биде ограничена, како што укажува нискиот резултат од 35 во последното Отворено истражување за Буџетот, многу под глобалниот просек од 45, посочува Комисијата и порачува дека Министерството за финансии мора дополнително да инвестира во зголемување на учеството на јавноста во секоја фаза од подготовката, извршувањето и известувањето на буџетот.
 
Меѓу останатото, се споделува и дека законодавството за укажувачи е задоволително и оти немало достапни информации за заштитата на свиркачите во 2023 година.
 
Според ЕК, одговорноста на администрацијата сè уште треба да се подобрува.

Во однос на отчетноста, ЕК потсетува дека во јуни годинава беа усвоени промени  на Законот за организација и работа на органите на државната управа и оти треба да продолжи напредокот во неговата ревизија, како и во целокупното спроведување на реформата.  

- Реорганизацијата на трите пилот-министерски системи беше одложена неколку пати од 2019 година кога започна реформата. Голем број тела остануваат одговорни пред Собранието, но нивното работење во пракса не се следи. Делегирањето на одлучувањето на средното раководство сè уште е ограничено и на централно и на локално ниво на власта.
 
Законодавството за правото на граѓаните на пристап до информации од јавен карактер има, но, потенцира Комисијата, одговорот на барањата за информации од јавен карактер и проактивното откривање информации треба дополнително да се охрабруваат.
 
-Помалку информации се достапни на веб-страниците на државните институции, отворениот владин портал не ги ажурира информациите, додека објавувањето на владините состаноци и агенди предизвикува значителни доцнења. Агенцијата за заштита на слободен пристап до информации од јавен карактер продолжи навремено да ги обработува жалбите, забележувајќи одредено зголемување на апелите за молчење на администрацијата. Дебатата во Собранието за извештаите на Народниот правобранител и Државниот завод за ревизија беше многу ограничена во 2023 година, а наодите и препораките треба да се следат посистематски. Немаше развој на правата на граѓаните на добра администрација,  посочува ЕК.  
 
Иако правната рамка е задоволителна, дополнува Комисијата, управните спорови и понатаму се соочуваат со неразумни одложувања. Жалбените постапки остануваат сложени и долги со повеќето одлуки засновани на процедурални размислувања, а не на основаност. Законодавството ги утврдува правата на граѓаните да бараат компензација и одговорноста на јавните власти во случаи на неправилност.
 
Европската комисија порачува и дека давањето услуги за граѓаните и бизнисот треба дополнително да се подобри.
 
Национален портал за е-услуги (https://uslugi.gov.mk/) е отворен и работи. Обезбедува информации и практични административни услуги онлајн на три јазици и се грижи за лицата со посебни потреби. Иако порталот беше надграден со само неколку нови електронски услуги, најчесто бараните услуги сè уште не се достапни онлајн. Долгоочекуваните 135 нови услуги за граѓаните и бизнисите се уште не се конфигурирани на порталот. Порталот моментално има 292 179 корисници, но бројот на месечни трансакции и понатаму е низок (2 070 апликации). Понатаму, лошото планирање и недоволната организација на замената на личните документи што го носат претходното уставно име на државата предизвика големо незадоволство и недоверба кај граѓаните, констатира Комисијата во Извештајот и укажува и на се уште ограничената употреба на регистарот на население. лв/ац/

Фото: МИА архива

Остани поврзан