• четврток, 04 декември 2025

Избрани тројца финалисти за наградата „Денес 2025“

Избрани тројца финалисти за наградата  „Денес 2025“

Скопје, 9 јуни 2025 (МИА) - Наташа Неделкова, Крсто Глигорјадис и Мила Добревска се тројца финалисти кои понатаму ќе се натпреваруваат за наградата „Денес 2025“ за млад визуелен уметник во Северна Македонија до 35 години.

Жири-комисијата во состав: Хитоми Ивасаки, Рона Копецки и Ѓорѓи Десподов ги избраа тројцата финалисти кои понатаму ќе се натпреваруваат за наградата.

Организацијата Факултет за работи што не се учат – ФРУ од Скопје во соработка со Мрежата „Награди за млади визуелни уметници“ (YVAA), резиденциската програма Residency Unlimited (RU), Њујорк и фондацијата Trust for Mutual Understanding, Њујорк, по деветнаесетти пат го организираше процесот за доделување на наградата „Денес“.

Како што информира организаторот, наградата „Денес“ се доделува на годишно ниво на исклучителна и истакната тековна уметничка практика која подразбира критичко и естетско размислување и дејствување и е единствена награда за млад/а визуел(е)н/а уметни(к)чка во земјава од овој вид. Оваа значајна и независна награда, покрај двомесечната програма за престој на уметници во Њујорк во Residency Unlimited, вклучува и други новини и резиденции. „Денес“ исто така овозможува и уникатно искуство на уметниците да бидат дел од специјално наменет едукативен процес во визуелната уметност насловен „Совршениот уметник“, да имаат средби и презентации со интернационална жири комисија и да продуцираат ново дело, во рамки на изложба како финалисти на наградата.

Организаторот потсетува дека отворениот повик траеше од 17 април до 31 мај 2025 година и се пријавиле дваесетина кандидати. мд/дма/

Фото: Постер 

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан