ИДФ добила зелено светло за третата, последна, фаза од војната во Газа
- Според изворот, третата фаза ќе ги вклучи преостанатите израелски сили во коридорите Нецарим и Филаделфија, како и на други места во Појасот Газа, за да се изврши притисок врз движењето Хамас доколку не се постигне договор за размена на заложниците.
Тел Авив, 2 јули 2024 (МИА) - Израелската радиодифузна корпорација објави дека политичкото раководство на земјата и дало зелено светло на војската во текот на овој месец постепено да премине во третата, последна, фаза од војната против Хамас во Газа.
Радиодифузерот додава дека одлуката е донесена, меѓу другото, поради тензијата на северниот фронт со цел да се избегне ширење на војната.
Според изворот, третата фаза ќе ги вклучи преостанатите израелски сили во коридорите Нецарим и Филаделфија, како и на други места во Појасот Газа, за да се изврши притисок врз движењето Хамас доколку не се постигне договор за размена на заложниците.
Израелската радиодифузна корпорација објасни дека зеленото светло ќе и овозможи на армијата да ја продолжи воената операција, но во поинаква форма.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху синоќа изјави дека Израел е при крај на фазата на елиминирање на воените капацитети на движењето Хамас и дека ќе продолжи да го уништува.
Во меѓувреме, израелскиот министер за финансии Безалел Смотрич повика на воведување воена управа над Појасот Газа бидејќи смета дека окупацијата на Појасот ќе го спречи враќањето на Хамас и обновувањето на неговите воени способности.
На состанокот со членовите на неговата партија Религиозен ционизам, Смотрич рече дека е целосно против запирање на војната без да се постигнат дефинираните цели што ги објави израелската влада, објави Ал Џезира Балканс.сд/
фото:ЕПА