Идните медицинари од Крива Паланка ќе учат преку работа во домот за стари лица „Хантерс лајф“
- Учење преку работа, размена на искуства и спроведување пракса за младите медицинари и идни негуватели од средното општинско училиште „Ѓорче Петров“, Крива Паланка, е договорено со официјалната соработка воспоставена меѓу училиштето и еден од најголемите приватни домови за стари лица во државата, „Хантерс лајф“.

Крива Паланка, 5 март 2025 (МИА) – Учење преку работа, размена на искуства и спроведување пракса за младите медицинари и идни негуватели од средното општинско училиште „Ѓорче Петров“, Крива Паланка, е договорено со официјалната соработка воспоставена меѓу училиштето и еден од најголемите приватни домови за стари лица во државата, „Хантерс лајф“.
Директорката на СОУ „Ѓорче Петров“, Елена Ѓоргиевска и директорката на домот Сара Тодоровка, потпишаа договор за соработка со кој се овозможува кривопаланечките средношколци: медицинари и негуватели, да учат како на професионално и врвно ниво се пружа нега и грижа на возрасни стари лица.
- Со договорот е предвидено изведување практична обука за учениците од секторот здравство и социјална заштита. Оваа соработка ќе придонесе кон усовршување, развој и оспособување на учениците кои се стремат да бидат успешни медицински лица. Благодарност до сите вработени и менаџментот на домот за дадената можност нашите ученици да се стекнат со вештини и знаења од вистински професионалци, информира денес директорката на СОУ „Ѓорче Петров“, Ѓоргиевска.
Договорот, како што посочи, е почеток на сорботка што ќе отвори нови перспективи и нови отворени можности од взаемен интерес, ќе ја промовира оваа струка кај младите и ќе го пробуди интересот за свесност кај сите идни медицинари за важноста од посветеност кон обучување лица за грижата за возрасните.
Тодоровска кажа дека чест и задоволство е да се има можност на младите генерации да им се пренесе знаењето и целиот систем на работење на домот, по кои се препознатливи со професионалноста во пружање грижа и нега на корисниците.
- Нашата мисија е покрај да се обезбеди топол и пријатен дом за корисниците, со посветеност на нивното здравје, пружање задоволство и долговечност на лицата од трето доба, а сега, се проширува и со споделување на искуството и добрите практики во работењето , во национални рамки, што во иднина планираме да го споделиме и на меѓународно ниво, рече Тодоровска.
Домот располага со вкупен капацитет од над 120 легла, а менаџерскиот тимпланира проширување на истиот . Во рамки на комплексот достапен центар за здравје со 24-часовна здравствена грижа, физиотерапевтски услуги со современи медицински апарати и соодветни помагала, како и амбуланта за здравствени прегледи со доктор по општа медицина и доктор на стоматологија.
- Нашиот посветен и мотивиран тим, составен од медицински кадар и социјални работници, овозможува перманентна грижа за корисниците со цел одржување на здравјето и продолжување на нивниот живот на најдобар можен начин. Сето ова ќе биде еден одличен пример, урнек за идните медицинари и негуватели, додаде Тодоровска.
Според неа, токму високо професионалното работење било причина за воспоставување на соработката.
Инаку, во средното општинско училиште од Крива Паланка годинава е четврта година од воведуавње на медицинска струка, а со завршување на 2024/25 учебна година ќе дипломира првата генерација медицински сестри. Во гимназијата во моментот во сектор здравство и социјална заштита се едуцираат околу 100-тина ученици.
СОУ „Ѓорче Петров“ ја продолжува досегашната успешна соработка и со здравствениот дом во градот, со Центарот за дијализа „Диаверум“ и останати приватни здравствени установи кадешто во изминатиот период се реализира учење преку работа кај работодавач.ид/са/
Фото: СОУ „Ѓорче Петров", Крива Паланка