• сабота, 22 февруари 2025

Игор Иванов го фати крстот во Вардар во Велес

Игор Иванов го фати крстот во Вардар во Велес

Велес, 19 јануари 2025 (МИА) - Крстот во осветените води на реката Вардар под Мало Мовче во Велес на денешниот празник Богојавление-Водици го фати 33 годишниот Игор Иванов од велешката населба Превалец. Тој е семеен човек и татко на три деца, а по двата сина, годинава на Божиќ му се родила ќерка Христина. Игор по 13-ти пат заедно со својата тајфа од десетмина се фрла во водите на реката Вардар на Водици, а годинава за првпат го фаќа крстот кој и годинава во водите го положи владиката Повардарски Агатангел.

-Имав претчувство дека ќе го фатам. Штом се фрламе по крстот веруваме дека ќе го фатиме. Во наредните 40 дена со крстот ќе ги посетиме домовите на велешени и ќе ја шириме нашата православна вера и божјата љубов .Мојата  порака е меѓусебе да се сакаме и почитуваме и да бидеме бериќетни, порача Иванов.

Како што информираат од Повардарската Епархија на денешниот празник Богојавление-Водици по крстот во Вардар во Велес, влегоа 104 православни верници меѓу кои една девојка Ели Апастоловска која веќе неколку години се фрла по крстот на Водица, а една година и го фати.

Игор Иванов беше еден од последните кои влегоа во водите на Вардар и беше веднаш до Мало Мовче , а имаше голема среќа Владиката Агатангел годинава да го фрли крстот веднаш под Мало Мовче каде беше Игор Иванов и кој прв стигна до него.

Инаку утрово по традиција се одржа Света Божествена Литургија во градската црква „Свети Спас“ во Велес, во сослужение на митрополитот Повардарски Агатангел и бројното свештенство. Потоа и традиционалната Литија помина по улиците од црквата „Свети Спас“ до Мало Мовче.

Инаку Игор Иванов во присуство на бројни православни верници беше примен од Владиката Повардарски Агатангел кој му го подари златно крвче и Библија.

Наместо дрвениот крст кој го фати во водите на Вардар кој останува во Повардарската Еоархија,Иванов доби метален  крст со икона  со кој со својата тајфа кој ќе помине по домовите не велешани во наредните 40 дена.

Воедно доби и бројни награди од повеќе спонзори,меѓу кои Општина Велес, ЈКПДервен и ЈП Лисиче, Зегин и други спонзори. Годинава кум на манифестацијата беше градоначникот Марко Колев кој исто така парично го награди Иванов. ад/сст/

 

 

 

 

 

 

Остани поврзан