• понеделник, 23 декември 2024

Израелските сили упаднаа во Кан Јунис во јужниот дел на Појасот Газа, преполни болниците во градот

Израелските сили упаднаа во Кан Јунис во јужниот дел на Појасот Газа, преполни болниците во градот

Газа, 5 декември 2023 (МИА) - Израелските сили денеска започнаа напад врз главниот град во јужниот дел на Појасот Газа, каде што жителите известија дека болниците се преполни со многу повредени и мртви.

Во, веројатно, најголемиот копнен напад од завршувањето на примирјето минатата недела, жителите велат дека израелските тенкови првпат влегле во источните делови на градот Кан Јунис, преминувајќи од израелската страна на границата и напредувајќи кон запад. Некои од израелските сили зазеле позиции во градот Бани Сухаила во источната периферија на Кан Јунис, додека други напредуваа и се распоредија на периферијата на станбениот комплекс Хамад Сити, финансиран од Катар, пренесува БТА.

Израелците, кои минатиот месец го зазедоа северниот дел на палестинската енклава пред да го запрат напредувањето кон југ поради еднонеделното примирје, велат дека сега ја прошируваат својата копнена воена кампања на остатокот од крајбрежната територија за да ја исполнат својата цел за елиминирање на лидери од исламистичката група „Хамас“, пишуваат западни медиуми.

„Сега продолжуваме со втората фаза. Втора фаза која ќе биде тешка од воена гледна точка“, рече владиниот портпарол Ајлон Леви на брифинг со новинарите. Израел е отворен за „конструктивна повратна информација“ за намалување на цивилната штета, се додека советот е во согласност со целта за уништување на Хамас, додаде тој.

Во главната болница Кан Јунис Насер, жртвите пристигнаа денеска со амбулантни возила, автомобили, камиони и колички, по она што преживеаните го опишаа како напад изведен врз училиште што се користело како засолниште за раселените Палестинци.

Портпаролот на Министерството за здравство во Газа, Ашраф ал-Кудра, изјави дека најмалку 43 тела на загинатите утринава веќе се донесени во болницата Насер, а се верува дека десетици други се затрупани под урнатините или на места кои не се безбедни за возилата на брзата помош.

Министерството за здравство во Газа соопшти дека најмалку 15.900 Палестинци, 70 отсто од нив жени или малолетни, се убиени во израелските воздушни напади врз палестинската енклава, која ја контролира Хамас, во осумте недели од конфликтот. Министерството прецизира дека повеќе од 250 палестински здравствени работници се убиени во Појасот Газа од почетокот на војната.

Денеска министерката за здравство на палестинските власти, Меј ал-Каила, за време на прес-конференција во Рамала изјави дека од почетокот на конфликтот на територијата на Западниот Брег досега загинале 260 лица, а 3.200 се повредени. ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан