ЗМСТАС – „ЗА НАС“ стана член на Меѓународната федерација на сестри-анестезиолози
- Здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри „ЗА НАС“ стана член на Меѓународната федерација на сестри-анестезиолози (ИФНА).
Скопје, 20 август 2025 (МИА) - Здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри „ЗА НАС“ стана член на Меѓународната федерација на сестри-анестезиолози (ИФНА).
Овој чекор, како што соопштија од Здружението, претставува значаен напредок за сестринството во државава и потврда за посветеноста на нашето здружение на унапредување на професионалните стандарди.
ИФНА е глобална организација која ги претставува сестрите-анестезиолози и се залага за унапредување на образованието, стандардите и практиките во анестезиологијата. По зачленувањето во Европската организација на сестри специјалисти и Европската Асоцијација за историјатот на сестринството, и сега како дел од ИФНА, ЗМСТАС – „ЗА НАС“, како што посочуваат, станува дел од меѓународната сестринска заедница, што ни дава можност за директна соработка и размена на искуства со колеги од целиот свет.
-Примениот статус во ИФНА е резултат на посветеноста и трудот на сите членови на ЗМСТАС – „ЗА НАС“. Ова признание ја потврдува нашата посветеност на унапредување на сестринската професија и ја отвора вратата кон глобална соработка и идни можности за поврзување со сестрите ширум светот. Членството во ИФНА е историски момент за сестринството во Македонија. Тоа не само што го зацврстува нашето место во меѓународната сестринска заедница, туку и ни овозможува да работиме кон официјална интеграција во Меѓународниот совет на медицински сестри во наредниот период. Со нетрпение очекуваме претстојниот конгрес и конференција, кои ќе ги обединат професионалците од земјата и светот и ќе придонесат за натамошен развој на сестринската професија, изјави м-р Гордана Бешлиовска, претседателка на ЗМСТАС – „ЗА НАС“.
Оваа година ЗМСТАС – „За нас“ ќе биде домаќин на четвртиот Конгрес на медицински сестри и на регионалната конференција на Европската организација на сестри специјалисти, на кои ќе учествуваат еминентни предавачи и експерти од целиот свет. Овие настани ќе бидат уникатна можност за споделување знаења и искуства и за унапредување на професионалниот развој на сестрите во Македонија, информираат од Здружението. рп/вј/
Фото: ЗМСТАС – „За нас“