Златко Стојковски - нов в.д директор на ЈП „Парк, спорт и паркинзи“ во Велес
- Златко Стојковски, 38-годишен професор по физичка култура и ракометен тренер, е новиот в.д. директор на ЈП „Парк, спорт и паркнзи“ во Велес, во кој влегуваат спортската сала „Гемиџии“, фудбалскиот стадион „Зоран Паунов“, тениските игралишта и објектот на Клубот за гимнастички спортови Партизан“ . За нов директор го именува градоначалникот Марко Колев под чија локална власт е овој најголем спортски комплекс во Велес.
Велес, 28 јануари 2026 (МИА) - Златко Стојковски, 38-годишен професор по физичка култура и ракометен тренер, е новиот в.д. директор на ЈП „Парк, спорт и паркинзи“ во Велес, во чии рамки влегуваат спортската сала „Гемиџии“, фудбалскиот стадион „Зоран Паунов“ тениските игралишта и објектот на Клубот за гимнастички спортови „Партизан“.
Стојковски е именуван за нов директор од градоначалникот Марко Колев под чија локална власт е овој најголем спортски комплекс во Велес.
Тој на оваа функција доаѓа од местото професор по физичко во ООУ „Свети Кирил и Методиј“ во Велес, а работи и во ракометната школа „Ракомет за секое дете“ во Велес.
За МИА изјави дека ќе се заложи за реконструкција на спортската сала „Гемиџии“, првин за реконструкција на тоалетите и соблекувалните за спортистите, кои се во многу лоша состојба, а потоа и на подлогата на терените за спорт во салата. Ќе се залага за реконструкција на електричната и водоводната инсталација и други реконструкции во и надвор од салата сè со цел, како што рече, подобрување на условите за спортување на спортистите и рекреативците.
Стојковски најави дека ќе работи на реконструкција на атлетската тартан-патека во рамките на фудбалскиот стадион „Зоран Паунов“, кој, конечно, очекува да се реконструира уште оваа пролет, како и на решавање на другите проблеми на фудбалскиот стадион и другите објекти со кои стопанисува ЈП „Парк, спорт и паркинзи“ во Велес. ад/мд/
Фото: МИА