• понеделник, 23 декември 2024

Зечевиќ – Бомгартнер: Европската иднина и членството во ЕУ се врвен македонски национален интерес

Зечевиќ – Бомгартнер: Европската иднина и членството во ЕУ се врвен македонски национален интерес

Скопје, 18 април 2023 (МИА) - Актуелни политички теми, со фокус на европската иднина на државата и на целиот регион, како и за светската економската и енергетската криза, за што заеднички е оценето дека нашата земја добро се справила со последиците, биле теми на разговор на денешната средба на генералниот секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ Вардарски со францускиот амбасадор во земјава, Сирил Бомгартнер.

-Европски вредности и европска иднина се стратешки цели на кои посветено работи проевропската коалициска Влада предводена од СДСМ, посочил Зечевиќ на средбата. 

Генералниот секретар, како што соопшти СДСМ, потенцирал дека улогата на Франција во европските процеси за решенија преку дијалог е значајна за целиот регион. Токму со Европскиот предлог, како и заклучоците по него усвоени од парламентарното мнозинство предводено од СДСМ ја отворија вратата на Унијата и по 17 години во чекалната земјава конечно ги започна преговорите за членство во ЕУ.

- Кога се работи за иднината на Македонија, како парија немаме намера да се откажеме од европската иднина и патот што го имаме трасирано. Тоа е врвен стратешки интерес на земјата поставен уште од независноста. Затоа што членството во ЕУ не е ниту личен ниту партиски интерес, туку тоа е врвен македонски национален интерес. Поддршката за европскиот пат во Собранието очекувам и понатаму да се зголемува, да имаме глас за Европа во македонскиот парламент за евроинтегративниот процес да продолжи, порачал Зечевиќ, заблагодарувајќи се на помошта и поддршката што Франција ја дава.

На средбата заеднички било констатирано дека соработката на двете држави е на високо ниво, но и дека постои простор таа дополнително да се зајакне што е во заемен интерес на граѓаните од двете земји. дма/цр

 

Фото: СДСМ

Остани поврзан