• петок, 05 декември 2025

Земјите од ЦЕИ ќе ги претстават своите производи на меѓународниот саем во Нингбо во рамки на соработката со Кина

Земјите од ЦЕИ ќе ги претстават своите производи на меѓународниот саем во Нингбо во рамки на соработката со Кина

Нингбо, 20 мај 2025 (МИА) - Од 22 до 25 мај во градот Нингбо, во источната кинеска провинција Зеџијанг ќе се одржи 4. Саем на Кина и земјите од Централна и Источна Европа, на кој со своја делегација и компании од неколку сектори ќе биде претставена и Република Северна Македонија.
 
Како што јави известувачот на МИА, тема на годинашната саемска манифестација е „Нова визија за иднината“ и таа претставува значајна платформа за зајакнување и проширување на соработката, но и можност за презентација на производи од земјите на Централна и Источна Европа што би можеле да се извезуваат и да се најдат на кинескиот пазар.
 
По отворањето на саемската манифестација, ќе се одржат форуми за економија и трговија, сесии за инвестициски промоции, како и програма за културна размена. Секоја од земјите учеснички ќе има свои штандови на коишто ќе се презентираат компаниите чија цел е извоз на кинескиот пазар.  
 
На саемот во Нингбо е најавено дека ќе престојува заменикот министерот за економија Марјан Ристески, претставници на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, на стопанските комори, но и повеќе компании и винарии. Се очекува Ристески на саемот да има неколку билатерлани средби, меѓу кои и со заменикот министер за трговија на Кина.
 
Соработката на Кина со земјите од Централна и Источна Европа датира од 2012 година. Покрај Северна Македонија, во процесот се вклучени Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Чешката Република, Грција, Унгарија, Црна Гора, Полска, Романија, Србија, Словачка и Словенија.
 
На 4. Саем на Кина и земјите од ЦЕИ, на 20.000 метри квадратни ќе бидат претставени преку 8.000 производи од повеќе од 400 изложувачи од 14 земји од ЦЕИ и девет други европски држави, како и дека се очекуваат 15.000 професионални учесници. Исто така на изложбен простор од 60.000 метри квадратни ќе бидат претставени преку илјада компании со над 3.000 прекуокеански купувачи од 72 земји и региони.


 Од 2012 година, кога е воспоставена оваа соработка, Кина станува клучен трговски партнер на земјите од Централна и Источна Европа.  
 
Во 2024 година вкупната трговска размена меѓу Кина и земјите од ЦЕИ изнесувала 142,3 милијарди долари. Во овие земји минатата година Кина извезла производи во вкупна вредноста од 111, 1 милијарди долари, додека увозот од овие земји извесува само 31, 2 милијарди долари.  
 
Најголеми трговски партнери на Кина во 2024 година од земјите од ЦЕИ се Полска, Чешка и Унгарија. Во 2024 година инвестициите на Кина во земјите од ЦЕИ изнесувале 24 милијарди долари.   
  
Во изминатите 13 години во рамки на оваа соработка воспоставени се преку 50 платформи за соработка со земјите од Централна и Источна Европа во повеќе од 20 области вклучувајќи ја економијата, трговијата, инвестициите, финансиите, транспортната инфраструктура, скајтеч иновациите, енергетиката, културата, туризмот, образование, медиумите, соработка на локално ниво, надзор и карантин, здравство, и шумарство со повеќе од 500 практични мерки кои веќе се спроведуваат, информираат од кинеското Министерство за надворешни работи.
 
Во рамките на оваа соработка преку инвестициски фонд беше овозможена специјална кредитна линија од 10 милијарди долари за земјите од ЦЕИ. Кина дозволи увоз на преку 200 категории на храна, земјоделски производи и друго од земјите од ЦЕИ. Овозможени се преку 50 карго летови неделно до земјите од ЦЕИ, а исто така се зголемува и бројот на кинески туристи кои ги посетуваат овие европски земји, меѓу кои и нашата. eв/са/

Фото: принтскрин

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан