Зеленски во текот на месецов во посета на Грција
- Украинскиот претседател Володимир Зеленски се очекува во текот на месецов да ја посети Грција, потврди портпаролката на грчкото МНР Лана Зохиу на денешниот редовен брифинг со новинарите, а деталите ќе бидат дополнително соопштени, јави дописничката на МИА од Атина.
Атина, 5 ноември 2025 (МИА) – Украинскиот претседател Володимир Зеленски се очекува во текот на месецов да ја посети Грција, потврди портпаролката на грчкото МНР Лана Зохиу на денешниот редовен брифинг со новинарите, а деталите ќе бидат дополнително соопштени, јави дописничката на МИА од Атина.
Зеленски последен пат во Атина беше при крајот на август 2023 година, кога грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис организираше неформална вечера за лидерите од регионот по повод 20-годишнината од Солунската агенда за ЕУ интеграција на земјите од Западен Балкан, а беше поканет и претседателот на Украина.
На денешниот редовен брифинг со новинарите, портпаролката на грчкото МНР се осврна и на останатите теми поврзани со надворешната политика на Грција.
За односите со САД нагласи дека одличното ниво било потврдено на вчерашната средба на Герапетритис со новата американска амбасадорка во Грција, а откри дека се разговарало и за шестиот круг од стратешкиот дијалог меѓу двете земји што треба да се одржи во Атина, со присуство на државниот секретар Марко Рубио.
Во однос на најавата од Мицотакис за одржување на мултилатерална средба во форматот 5×5 со учество на пет земји од Источниот Медитеран – Грција, Кипар, Египет, Турција и Либија, за да разговараат на неколку теми: миграција, заштита на морската средина, справување со нелегално рибарство и разграничувањето на морските зони, Зохиу објасни дека Министерството за надворешни работи ја разгледува можноста и перспективите за ваков состанок и „иницијативата сè уште е во рана фаза на подготовка“, а следните чекори бараат многу внимателно панирање и постепено градење доверба. ср/сд/
Фото: Архива МИА