Зеленски: Армијата напредува во Курската област, но не е заборавен источниот фронт
- Украина соопшти дека армијата стигнала до градот Суџа, а украинската државна телевизија утрово емитуваше снимка на која се гледа како украински војници симнуваат руско знаме од зграда
Киев, 14 август 2024 (МИА) – Украина соопшти дека армијата стигнала до градот Суџа, а украинската државна телевизија утрово емитуваше снимка на која се гледа како украински војници симнуваат руско знаме од зграда.
Но, рускиот командант, генерал-мајор Апти Алаудинов изјави дека украинската армија нема целосна контрола врз Суџа.
- Непријателот е околу градот и во некои негови делови. Секојдневно се водат битки. Украина не го контролира целосно Суџа, истакна Алаудинов.
Во меѓувреме, украинската армија соопшти дека над Курската област соборила руски бомбардер Су-34.
Претходно, претседателот на Украина, Володимир Зеленски изјави дека армијата напредува во Курската област, при што се заробени повеќе од сто руски војници, но оти не е заборавен ниту источниот фронт.
Му наредив на врховниот командант да го зајакне тој дел од фронтот, користејќи ја опремата и резервите што во моментов ги обезбедуваат нашите партнери, наведе Зеленски.
Западните медиуми, повикувајќи се на неименувани безбедносни извори, објавија дека Украина извршила најголем напад со дронови досега, при што се гаѓани четири руски воени аеродроми. ми/
фото: Икс