• петок, 22 ноември 2024

Здружение на штедачи во Еуростандард банка: Знае ли Народна банка што е тоа одговорност

Здружение на штедачи во Еуростандард банка: Знае ли Народна банка што е тоа одговорност
Скопје, 8 ноември 2020 Седнати во удобни фотељи, скапо платени од наши народни пари, луѓето од Народната банка декларативно се грижат за стабилноста и сигурноста на банкарскиот систем. Што направија овие луѓе да не заштитат нас депонентите од сега веќе пропаднатата Еуростандард банка освен да се правдаат за состојбата во која не донесоа токму поради нивната контролна и супервизорска работа над банката? Гледале а не виделе, прегледале а не разбрале, слушнале а не дочуле. Извештајот за стечајот на затворената банка подготвен од стечајниот управник сега веќе јавно објавен после првото рочиште „вришти“ од криминал. На секоја наредна страна нова криминална приказна. Се заедно украдени речиси 60 милиони евра од депозитите на граѓаните и фирмите. Дали супервизијата на Народна банка препознала дека се делеле кредити на поврзани фирми кои претставуваат единствен ризик и дека финансиските проблеми кај една фирма предизвикуваат проблеми во отплата на обврските кај друга фирма? Народна банка го видела но не го препознала ризикот од концентрација кај поединечен клиент и со него поврзани лица. Па така, вкупната вредност на поделени кредити на групации од поврзани фирми со сомнителни и спорни побарувања изнесува 17,2 милиони евра, во најголем дел кредити дадени во неповрат. Дали Народна банка видела дека Еуростандард банка одобрила и масовно пласирала сомнителни кредити на 58 фирми во вкупен износ од 16,8 милиони евра покриени единствено со меници во текот на изминатите неколку години? Каков е ризикот од наплата на овие кредити? Што направила Народна банка да не заштити од вакви проневери? Дали Народна банка видела но не направила ништо со нефункционалните кредити на групи фирми кои имале една иста гаранција како обезбедување за различни кредити кои им се делени? Притоа, во ваквите групи има и фирми кои немаат дадено никакво обезбедување за земените кредити во стотици илјади евра и никогаш не вратени со години. Каков кредитен ризик имале овие фирми кои земале кредити без никаква гаранција? Дали Народна банка ја видела праксата на масовно одобрување на кредити за измирување на достасани обврски во банката? Зошто Народна банка не ги одземала лиценците на лицата од банката кои го организирале и спроведувале овој криминал преку издавање непокриени кредити со години? Зошто Народна банка не не заштитила со време, зошто не превземала конкретни активности да го запре криминалот кога јасно знаела за истиот? Криминал на дело од раководните лица во банката со фрапантно однесување на Народната банка при вршените контроли со години. Не е можно да оваа институција сега се иззема од направениот криминал во банката бидејќи со своето неделување за што е законски надлежна и одговорна, директно допринела да криминалот продолжи и се развие до степен да биде непоправлив, а депозитите украдени и ненаплатливи. Дали Народна банка знае дека не остави нас и нашите семејства без нашиот личен капитал и имот? Дали тие луѓе знаат дека фирмите депоненти во банката кои се законски обврзани да платниот промет го работат единствено преку банкарскиот систем во земјава, се соочија со неликвидност и затворање, неможат да сервисираат долгови и тековни плаќања, вработените неможат да земат плати, ги изгубија работните места? Сите овие луѓе имаат семејства на кои тешко заработените лични пари им се украдени и се оставени на немилост во сред смртоносна здравствена и економска криза. Дали овие луѓе од Народна банка имаат чувство за одговорност? Освен за лоповите од пропаднатата банка, одговорност мора да има и за овие луѓе што дозволиле да се случи и развива криминалот со години односно тие што ја вршеле супервизијата на банката и нивните претпоставени. Народна банка и останатите релевантни државни институции на коишто се повикува Народната банка, не не заштитија од криминалот направен од луѓето на раководни позиции во пропаднатата банка и дозволиле истиот да се развива неконтролирано и да експлодира во месец август оваа година. Бараме државата под итно да изнајде начин и да не обештети во целост било преку закон, уредба на Влада или некој друг правен механизам, а лоповите од банката и со нив поврзаните фирми кои го оркестрирале овој масовен грабеж да ги казни кривично и материјално. Тоа го прават одговорни европски земји каде владее правото и правдата и тоа треба веднаш да го направи и нашата земја која сака да биде член во европското семејство. Борбата продолжува за вистината и правдата до нашата конечна цел! Здружение на оштетени штедачи во Еуростандард банка __________________________________________________________________ МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан