• четврток, 21 ноември 2024

Здружението „Никола Мантов“ од Кочани обезбеди стипендии за седум млади фудбалери на ГФК „Осогово“

Здружението „Никола Мантов“ од Кочани обезбеди стипендии за седум млади фудбалери на ГФК „Осогово“

Кочани, 25 март 2023 (МИА) – Граѓанското здружение „Никола Мантов“ од Кочани обезбеди полугодишни стипендии за седум фудбалери кои настапуваат за младинските екипи на ГФК „Осогово“.

Претставници од раководството на здружението и фудбалерите со нивните родители попладнево ги потпишаа договорите според кои до крајот на оваа учебна година ќе добиваат по три илјади денари месечно.

-Како поддржувачи на фудбалскиот бренд „Осогово“, наша цел е да го вратиме клубот тaму каде што му е местото - во Првата фудбалска лига. Сакаме да им помогнеме на фудбалерите посветено и попрофесионално да се занимаваат со фудбалот, да знаат дека некој се грижи за нив и дека имаат иднина во настапите за нашиот клуб. Се работи за фудбалери родени од 2005 до 2008 година, кои настапуваат за трите младински екипи на „Осогово“ и се меѓу најдобрите во своите возрасни категории, a изборот го направија членовите на Стручниот штаб. Планираме со стипендирање да продолжиме и во новата учебна година, а очекуваме нашата инцијатива да ја прифатат локалните компании и да се придружат во поддршката на фудбалот, па и спортот воопшто, истакна Никола Стојанов, претседател на здружението „Никола Мантов“.

Бројот на фудбалери кои ќе добиваат стипендија е определен според бројот на дресот што го носел поранешниот првотимец на „Осогово“ и патрон на Здружението - Никола Мантов, кој во 1973 година починал за време на фудбалски натпревар. та/хс/

Фото: МИА

Остани поврзан