• петок, 22 ноември 2024

Здружението на Срби и Македонци „Бранко Чајка“ од Тетово одбележа 30 години од постоењето

Здружението на Срби и Македонци „Бранко Чајка“ од Тетово одбележа 30 години од постоењето
Тетово, 24 септември 2022 (МИА) - Здружението на Срби и Македонци „Бранко Чајка“ од Тетово вчеравечер го одбележа својот триесет годишен јубилеј. По тој повод се организираше свеченост која почна со изложба на фотографии од архивата на Здружението, а потоа и со свечен концерт во големата сала на Центарот за култура „Иљо Антески-Смок“. - Денес Здружението на Срби и Македонци „Бранко Чајка“ го прославува својот 30-ти роденден што претставува јубилеј достоен за почит. Јубилеите се секогаш убав повод за резимирање на минатото, но и повод за прикажување на сопствените потенцијали и претставување на визијата за иднината. 3а една организација 30 години не е само бројка. Тоа претставува една временска рамка во која се случија многу работи, многу успеси, достигнувања, победи, насмевки, пријателства, награди, признанија. Временска рамка низ која поминаа многу генерации кои со своето делување оставија трага во растот и развојот на ова Здружение, истакна во пригодниот говор, претседателката на Здружението Соња Андонов. И одбележувањето на јубилејната годишнина се одвиваше верно на негувањето и зачувувањето на богатата традиција на македонското и српското фолклорно наследство. Настапија малата и средната група играорци, како и поранешните членови на друштвото со неколку ора од богатиот македонски и српски фолклор. Со изведба на македонски и српски песни во придружба на оркестарот на Здружението, се претставија уметниците Александар Јањиќ од Србија, Милица Кузмановска, Драгиша Аврамовски, Сара Тасеска, Лени Партикова, групата “Шербет“, Миле Ѓорѓески и Ненад Вукојичиќ. - Вечерашната програма е само мал дел од тоа богатство што со векови се градело во нацијата.Одбележувањето на овој голем јубилеј е само нов поттик да продолжиме во духот на оние кои го создадоа ова Здружение и да направиме чекор понатаму со нашата работа и ентузијазам.Убедена сум дека уште многу генерации кои доаѓаат ќе придонесат за неговото траење, порача претседателката Андонов. Здружението на поединци и организации им додели благодарници за соработката. На 25 септември 1992 година во судскиот регистар во Тетово е евидентирано како Здружение на Срби, Македонци и Црногорци. Од 2006 година продолжува да работи под името Здружение на Срби и Македонци. Фолклорната активност на Здружението постои од 1993 година.  На почетокот културно-уметничкото друштво го носи името „Фолклор“, а подоцна, сé до денес „Бранко Чајка“. ас/мс/

Остани поврзан