Здружението на Македонците од Албанија „Зошто“ потпиша меморандум за соработка со Општина Кичево
- -На средбата разменивме мислења по повеќе прашања по што потпишавме Меморандум за соработка, со кој се поставуваат темели за заеднички активности и иницијативи насочени кон унапредување на културната размена, образовната поддршка и зајакнување на традицијата на македонскиот јазичен, културен и национален идентитет, рече за МИА, Панди Јани.
Дебар, 15 декември 2025 (МИА) - Делегација на Здружението на Македонците од Албанија во Македонија „Зошто“, предводена од претседателот Панди Јани, денеска престојуваше во Кичево, каде оствари средба со градоначалникот, Александар Јовановски.
-На средбата разменивме мислења по повеќе прашања по што потпишавме Меморандум за соработка, со кој се поставуваат темели за заеднички активности и иницијативи насочени кон унапредување на културната размена, образовната поддршка и зајакнување на традицијата на македонскиот јазичен, културен и национален идентитет, рече за МИА, Панди Јани.
Според него, деновиве ваков документ бил потпишан и со градоначалникот на Општина Ресен, Јован Тозиевски, со што „се отвора ново поглавје во заедничкото делување за доброто на граѓаните“.
-Овие чекори, кои ќе ги продолжиме и со други градови, претставуваат силна потврда дека преку партнерства, дијалог и конкретни активности може да се создадат услови за подобра поддршка, развој и инклузија на Македонците по потекло од Албанија, како и на сите граѓани кои се дел од нашата заедница, оценува Јани.

Изрази голема благодарност до градоначалниците Јовановски и Тозиевски за довербата и поддршката, како и до целиот тим на „Зошто“ кој секојдневно работи посветено и несебично, во мисијата, која продолжува, чекор по чекор, во градењето посилна, обединета и активна заедница.
Здружението беше регистрирано на 25 септември, со седиште во Ресен, негова мисија е афирмација на македонската култура и идентитет, а името е инспирирано од романот „Зошто“ на Стерјо Спасе, еден од најпознатите писатели во Албанија со македонско потекло. вт/нд/
Фото: Здружение „Зошто“