• понеделник, 23 декември 2024

Здружението на инженери до МЖСПП достави барање за пристап до информации од јавен карактер за Чебрен

Здружението на инженери до МЖСПП достави барање за пристап до информации од јавен карактер за Чебрен

Скопје, 20 декември 2023 (МИА) - Здружението на инженери на Република Македонија до Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) достави барање за пристап до информации од јавен карактер во однос на документацијата за проектот Чебрен. 

Во соопштение,  Здружението денеска го сподели барањето со кое бара пристап до образложениот предлог доставен до Владата согалсно кој е донесена одлука за започнување постапка за доделување на концесија, Водостопанската основа согалсно која требало да биде изработен предлогот од точка еден од, Планот за управување со речниот слив на река Црна со кој требало да биде изработен предлогот, актите со кои позитивно се изјасниле министерствата за економија, за транспорт, за одбрана, за внатрешни работи, за култура...  Бара и информации за нацрт договорот, критериумите за доделување на договорите, записник од евалуација на понудите, извештај за евалуација на понудите, образложение на причините за изборот на најповолниот понудувач.... 

Здружението на инженери пред една недела поднесе претставка до надлежните институции за одлуката за концесија за хидроцентралата Чебрен. Смета дека проектот за изградба на хидроцентралата по пат на јавно – приватно партнерство е штетен и со него се нарушува електроенергетската независност на земјава и се дава на управување воден ресурс кој е веројатно најзначаен во овој век. 

Рокот за потпишување на договорот со најповолниот понудувач на тендерот, грчки „Архидрон“, истече на 15 декември, но по жалбата што ја доставија е пролонгиран до крајот на масецов.

Министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова по состанокот со компанијата во просториите на Министерството на 15 декември, најави дека до крајот на годинава ќе има конкретни информации дали ќе продолжи постапката за изградба на Чебрен или не.

Најави дека избраната компанија со одлуката за избор од 14 септември годинава ќе биде информирана дека треба да пристапи кон исполнување на обврските од веќе донесената одлука. 

-Од грчката компанија Архиродон се жалеа на содржината на одлуката, бидејќи согласно Законот за води, прво мора да добиете дозвола за води, а потоа да се потпише договор за концесија.  Тие сметаат дека треба прво да се потпише договор за концесија, а потоа постапката да продолжи понатаму. Меѓутоа, во случајов Законот за води е „легс специјалис“ во однос на Законот за јавни набавки и Законот за концесии. Ние ќе се држиме на она што го регулираат нашите закони и ќе биде информирана компанијата. Нивната банкарска гаранција е до крајот на годината и ако ја продолжат ќе значи дека ќе продолжи процесот, ако не се продолжи банкарската гаранција, автоматски ќе се прекине процесот, информираше Шукова.лв/аа/

Во продолжение интегралниот текст од барањето на Здружението на инженери:

Врз основа на член 4 и член 12 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (Службен весник на Република Северна Македонија број 101/2019), од имателот ја барам следната информација од јавен карактер:

 

Согласно Одлуката на Владата за започнување на постапка за доделување на концесија за користење на вода за производство на електрична енергија од хидроелектрични централи на Црна Река донесена на седницата одржана на 24 декември 2019 година и објавена во Службен весник бр. 13 на 17 јануари 2020 година, како и согласно начелото на транспарентност од одредбите на Законот за концесии и јавно приватно партнерство, од Министерството за животна средина и просторно планирање бараме во електронска форма да ни се достават:

1.        Вашиот образложен предлог доставен до Владата согласно кој е донесена одлука за започнување на постапката за доделување на концесијата;

2.       Водостопанската основа на Република Северна Македонија согласно кој требал да биде изработен предлогот од точка 1;

3.       Планот за управување со речниот слив на реката Црна согласно кој требал да биде изработен предлогот од точка 1;

4.       Актот со кој на предлогот од точка 1 позитивно се изјаснило Министерството за Економија;

5.       Актот со кој на предлогот од точка 1 позитивно се изјаснило Министерството за транспорт и врски;

6.       Актот со кој на предлогот од точка 1 позитивно се изјаснило Министерството за  одбрана;

7.       Актот со кој на предлогот од точка 1 позитивно се изјаснило Министерството за Економија;

8.       Актот со кој на предлогот од точка 1 позитивно се изјаснило Министерството за култура;

9.       Актот со кој на предлогот од точка 1 позитивно се изјаснило Министерството за внатрешни работи;

10.    Актот со кој на предлогот од точка 1 позитивно се изјаснил Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата;

11.     Актот со кој на предлогот од точка 1 согласност дало  Министерство за земјоделство;

12.    Врз основ на дефиницијата на јавно приватно партнерство од членот 5 на Законот за концесии и јавно приватно партнерство, а со оглед дека јавната услуга за крајните корисници од областа од надлежност на јавниот партнер (ЕСМ) е континуираното и стабилно производство на електрична енергија, бараме образложение, како воопшто е можно воспоставување на Јавно приватно партнерство со приватен партнер (ППЦ-Архиродон), кој наместо обврската да обезбеди континуираното и стабилно производство на електрична енергија за крајните корисници (населението во Македонија), ќе врши производство на електрична енергија за продажба на европскиот пазар на електрична енергија;

13.    Извештајот за претходна анализа за основните елементи на проектот кои се показатели за природата на договорот што треба да биде склучен со цел за воспоставување на јавно приватно партнерство (член 16 од Законот за концесии и јавно приватно партнерство);

14.    Физибилити студијата за оправданост на доделување на концесија на добра од општ интерес или договор за воспоставување на јавно приватно партнерство (член 16 од Законот за концесии и јавно приватно партнерство); со сите нејзини елементи:

-        извршно резиме;

-        општ дел;

-        техничка анализа;

-        финансиско-економска анализа;

-        правна анализа и

-        општи заклучоци и препораки;

15.    Актот за процената на влијанието врз животната средина на концесијата на добра од општ интерес или на јавното приватно партнерство (член 16 од Законот за концесии и јавно приватно партнерство);

16.    Кои се четирите или повеќе членови и нивни заменици од областа на економијата, правото и техничките науки и други релевантни области и претседателот Комисијата за спроведување на постапката за доделување на концесијата, односно другите надворешни стручни лица без право на глас кои учествувале во работата на Комисијата (член 20 од Законот за концесии и јавно приватно партнерство)

17.     Тендерската документација подготвена од комисијата од точка 16;

18.    Нацртот на договорот;

19.    Критериумите за доделување на договорот;

20.   Актот со кој е утврдена способноста на кандидатите и се определени кандидатите кои имаат право да го продолжат учеството во постапката;

21.    Актот со кој е утврдена способноста на понудувачите;

22.   Записникот од разгледувањето и оценувањето на понудите и рангирањето на понудувачите со предлог за прворангираниот да биде избран;

23.   Извештајот за евалуација на понудите;

24.   Информација кој ја изготвувал Тендерската документација и дали изготвувањето на тендерската документација е доверена на научна или стручна организација или на експерти од соодветната област кои спровеле истражување, експерименти, студии или развој во врска со евентуалниот предметен договор;

25.   Во случај ако Комисијата определила дека податоците или дел од податоците содржани во тендерската документација се сметаат за доверливи согласно со Законот за класифицирани информации, да ни се достават изјавите на учесниците во постапката со која тие се обврзуваат дека нема да ги објавуваат податоците кои се сметаат за доверливи кои се приложен кон документацијата;

26.   Актот во кои се образложени показателите врз основ на кои е определен периодот за кои се доделува концесијата;

27.    Доказ за познавање на англиски јазик на соодветен степен на сите членови на комисијата, нивните заменици и претседателот;

28.   Англиска верзија од сите дополнителни прашања во врска со тендерската документација поставени од економските оператори кои подигнале тендерска документација и одговорите на комисијата доставени до истите;

29.   Колкав е нето износот на банкарска гаранција за учеството во постапката за доставување на понуди од понудувачот;

30.   Записник на комисијата од јавното отворање на понудите со потписи од членовите на комисијата, односно нивните заменици и претседателот на комисијата;

31.    Извештајот за евалуација со листата на понудувачи врз основа на критериумите определени во јавниот повик за доделување на концесија на добра од општ интерес, односно во тендерската документација која што комисијата ја составила со евалуација на понудите на оние понудувачи кои ги исполнувале личните, професионалните и финансиските услови определени со тендерската документација и предлогот на комисијата за избор на најповолен понудувач;

32.    Образложението на причините за изборот на најповолниот понудувач;

33.    Дали најповолниот понудувач ППЦ-Архиродон во предвидениот рок од три месеци (15 декември 2023 година) склучил договор за заедничко вложување;

34.     Дали најповолниот понудувач ППЦ-Архиродон основал Друштво за посебна намена со Акционерското друштво за производство на електрична енергија Електрани на Северна Македонија, во државна сопственост, Скопје;

35.   Дали евентуалното регистрирано друштво од точка 34 во согласност со одредбите на Законот за водите обезбедило дозвола за користење на водата;

36.   Со оглед на изјавите дадени пред медиумите и фактот дека најповолниот понудувач ППЦ-Архиродон не ги исполни условите од точките 5 и 8 на владината Одлука Дали Министерството за животна средина и просторно планирање ја активирало банкарската гаранција доставена од ППЦ-Архиродон;

37.    Со оглед дека одлуката е донесена на 14 декември 2023 година, а ако е поднесена жалба на истата, бараме да ни се достави изворниот текст на жалбата на англиски јазик со датумот на поднесувањето на истата;

Кога е крајниот рок за одлучување по евентуално доставената жалба од страна на Државната комисија за жалби по јавни набавки;

Фото: МИА архива

Остани поврзан