• недела, 22 декември 2024

Здружението „За здрав живот во Кочани“ бара да не се продолжува рокот за градба на мини хидроцентралата Мала Река 

Здружението „За здрав живот во Кочани“ бара да не се продолжува рокот за градба на мини хидроцентралата Мала Река 

Кочани, 27 мај 2023 (МИА) – Граѓанското здружение „За здрав живот во Кочани“ упати писмена ургенција до Министерството за животна средина и просторно планирање со која бара на инвеститорот на мини хидроцентралата Мала Река кај браната Гратче да му се одземе дозволата за градба.

На прес-конференција што се одржа вечерва беше образложено дека концесионерот ДИС Енергија ДОО – Скопје не го испочитувал рокот за изградба на објектот, којшто требало да биде комплетиран до крајот на мај годинава, односно не се исполнети обврските од концесискиот договор.   

- Врз основа на договор за концесија бр. 112436/1 и три анекси, концесионерот имал обврска да изгради и да пушти во употреба мала хидроцентрала заклучно со 28 мај 2023 година. Непосредно пред истекот на рокот концесионерот поднел неаргументирано и неосновано барање за негово продолжување до Комисијата за постојан и редовен надзор за начинот на вршење на концесиската дејност. Согласно договорот за концесија, министерот за животна средина може да го продолжи рокот ако постои пропуст што не може да му се припише на концесионерот, но во конкретнот случај токму тој не почнал ниту со градба на пристапен пат, ниту на објектот за малата хидроцентрала. Договорот за концесија е склучен пред пет години и логично е прашањето зошто сега се бара продолжување од неколку месеци ако претходно немало градежни активности, истакна Зоран Тодоров од Здружението „За здрав живот во Кочани“.

Кочанските еко-активисти бараат министерот за животна средина да не потпишува нов анекс на договорот за продолжување на рокот за градба, со што ќе се спречи деградирањето на животната средина во заштитеното подрачје Осоговски Планини, каде што е локацијата на хидроцентралата.

Од Здружението „За здрав живот во Кочани“ истакнуваат дека ќе ги преземат сите правни постапки за утврдување одговорност на сите вклучени страни, ако на незаконит начин му се даде нов рок и можност на концесионерот да ја гради МХЕЦ Мала Река.та/аа/

фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан