• петок, 22 ноември 2024

Здравко Чолиќ и Владо Георгиев на јубилејното издание на „Џојфест" во Крива Паланка

Здравко Чолиќ и Владо Георгиев на јубилејното издание на „Џојфест

Крива Паланка, 20 август 2023 (МИА) - Десеттото, јубилејно издание на музичкиот фестивал "Џојфест" во Крива Паланка ќе се одржи следниот викенд, 27 и 28 август, недела и понеделник, а организаторите интензивно се подготвуваат за најавените посетители и гости што веќе бараат место повеќе во градот, бидејќи главни ѕвезди на програмата се балканската музичка легенда Здравко Чолиќ и познатиот Владо Георгиев.

Од Општина Крива Паланка и организацискиот одбор на Џојфест ги покануваат сите љубители на добра музика да бидат гости на градот и да уживаат во фестивалската програма на која двете вечери настапуваат и познати македонски изведувачи: Нокаут, ДНК, Галоски и Фикшн.

-Џојфест годинава одбележува јубилеј, 10 години, и задоволство ми е да најавам дека покрај нашата култна група Нокаут, ќе настапат и ДНК, Галовски и Фикшн, но Џојфест 2023 ги носи и познатите балкански музички ѕвезди, Владо Георгиев и Здравко Чолиќ. На 27 август и 28 недела сите патишта ќе водат кон Крива Паланка за настапот на Георгиев и легендарниот Чолиќ. Градот се подготвува интензивно да ги прифати сите најавени љубители на неговата музика, евергрин хитови во кои уживаат сите генерации, информира градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски.

Во Крива Паланка се очекуваат повеќе илјади посетители, почнувајќи од среда 23 август, со богатата културна програма. За организација на настаните градот има воведено посебен сообраќаен режим во деновите на одржување на сите претстојни настани од "Кривопаланечко културно лето 2023", како и обезбедено повеќе локации за бесплатно паркирање на туристите.

Џојфест ќе се одржи на Градскиот стадион во Крива Паланка, а влезот е слободен. Финансиска поддршка е обезбедена од Општина Крива Паланка, Министерството за култура и бројни стопански субјекти.

-Културната понуда на општината во изминатиот период е нешто по што навистина градот е препознатлив. И токму тоа е еден сегмент од работењето на кој обрнуваме значајно внимание, покрај редовните, бројни, тековни инфраструктурни проекти и проекти за подобрување на квалитетот на животот и унапредување за условите за живот во секој дел од општината. Инаку, Општина Крива Паланка до крајот на месецот има богата програма за сите генерации, денес завршува манифестацијата "Фудбал за сите",  а големите фестивали следуваат почнувајќи од среда, во пресрет на деновите во кои Крива Паланка живее со полн капацитет - одбележувањето на големите празници Успение на Пресвета Богородица, на 28 август и на 29 август, чествувањето на свети Јоаким Осоговски, светецот заштитник на Општината, рече Митовски.

Во среда, 23 август, започнува 18-тиот Меѓународен фолклорен фестивал со тридневна програма на централниот градски плоштад и богата фолклорна ризница со традиционални песни, игри, дефиле на фолклористи од земјава и од уште пет европски држави: Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора, Романија, Турција.

-На настанот ќе присуствува и министерката за култура со која заедно ќе ги претставиме сите значајни вложувања во инфраструктурата од областа на културата со поддршка од Министерството, меѓу кои и најновиот проект за изработка на техничка документација за реконструкција на НУ Центар за култура Крива Паланка, програмата продолжува со Џојфест, а на 29 август на Градскиот стадион ќе се одржи "Фестивал на храна", презентација на специјалитети и производи од органско потекло, мед и други продукти од кривопаланечко поднебје, со поддршка од Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство, додава градоначалникот Митовски.

Она што  ги прави посебни деновите 28 и 29 август се христијанските празнувања на двата големи празници Успение на Пресвета Богородица и Св Јоаким Осоговски, кои се празнуваат во прекрасниот манастирски комплекс лоциран во пазувите на Осоговските Планини и тоа дополнително, во овие денови, привлекува голем број туристи во Крива Паланка. ид/вг/

Фото: плакат принтскрин

Остани поврзан