• сабота, 23 ноември 2024

Зголемени се приходите на крушевското комунално претпријатие, но останува проблемот со струјата

Зголемени се приходите на крушевското комунално претпријатие, но останува проблемот со струјата
Крушево, 13 април 2022 (МИА) - Крушевското комунално претпријатие „Комуна“ покажа годишна сметка за 2021 со зголемени приходи, а намалени трошоци, што од претпријатието го сметаат за домаќинско работење во тешки економски времиња. Според годишната сметка што ја разгледуваа и ја усвоија крушевските советници на последната седница, приходите од вода од домаќинствата во градот и во населените места се зголемени за речиси еден милион денари во споредба со претходната, 2020 година. Со исклучок на три населени места, наплатата секаде се зголемува за вкупно да достигне, конкретно, пораст од 923 072 денари. Зголемување на приходите е прокнижено и кај услугите за чистота, за канализација и за паркинг просторот. Благо намалување има во услугите за одржување на гробиштата, во приходите од пазарот. Вкупните приходите се намалени во споредба со 2020 година, но, како што објаснуваат од претпријатието, резултатот е позитивен зашто намалувањето е, всушност, поради приходи од донација на контејнери, финансиска помош од Владата и од крушевскиот совет, а се прокнижија минатата година. Станка Ефремова Трајкоска, в.д. директорка на комуналното претпријатие „Комуна“, смета дека финансиското работење на претпријатието се подобрува, но факт е дека трошоците за струја со која се пумпа водата за домаќинствата, остануваат како најголем проблем. - Приходите се зголемуваат, а трошоците во време на инфлација се намалуваат со што нашите резултати се уште подобри. Годишната сметка покажува дека работиме домаќински, а поголемите приходи значат подобро извршување на услугите. Сепак, останува најголемиот проблем, а тоа се трошоците за струја, вели Ефремова Трајкоска. ем/мс/  

Остани поврзан