• понеделник, 23 декември 2024

Зголемени ковид-бројки, нови мерки засега нема

Зголемени ковид-бројки, нови мерки засега нема
Скопје, 30 јуни 2022 (МИА) - Согласно податоците што ги соопшти вчера Комисијата за заразни болести, забележан е раст на бројот на позитивните случаи на КОВИД-19 во земјава за 65 проценти, но истовремено нема зголемување на бројот на хоспитализации, со што беше утврдено дека нема потреба од дополнителни мерки. Во текот на вчерашниот ден, Институтот за јавно здравје соопшти дека на 1261 тестирањe регистрирани се нови 148 случаи на КОВИД-19, од кои 40 се реинфекции. Оздравени се 45 пациенти и нема пријавено починати лица за изминатото деноноќие, но согласно Регистарот на умрени лица со дијагноза КОВИД-19 од „Мој термин“, евидентиран е 84-годишен пациент од Скопје кој починал на 27 јуни 2022 во болнички услови. Комисијата препорачува граѓаните да бидат совесни и да го заштитат сопственото и јавното здравје и да ги применуваат општите мерки за заштита, како што се: заштитна маска, одржување растојание и почесто миење раце. Засега, како што соопшти КЗБ во сила останува само обврската за задолжително носење маски во здравствените установи, згрижувачките установи, аптеките и јавниот превоз. Зголемен број на позитивни лица на коронавирусот е забележан во регионот и Европа. Во Хрватска вчера се регистрирани 1.197 нови случаи, а починато е едно лице. Зголемен број на случаи има и во Албанија и Грција. Директорот на францускиот истражувачки центар ЦНРС, Семјуел Алисон изјави дека зголемениот број на нови случаи се должи на олабавувањето на мерките, но и со падот на имунитетот на луѓето. -Европа минува низ седмиот бран на КОВИД-19, во голема мера објаснет со новите соеви на вируси кои имаат силен капацитет да ја избегнат заштитата создадена од вакцинацијата и претходните инфекции, рече Алисон. Советот на Европската Унија даде зелено светло за продолжување на користењето на дигиталните сертификати за Ковид-19 до 30 јуни 2023 година. Оваа регулатива ќе обезбеди патниците од ЕУ и трети земји поврзани со системот да можат да го користат дигиталниот сертификат за патување во Унијата во земјите-членки каде што се потребни тие сертификати. Вкупниот број на КОВИД-дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата е 313.856 од направени 2.080.874 тестирања. Бројот на оздравени пациенти е 303.783, починале 9323, а активни случаи има 750. Најголем број на активни случаи во моментов има во Скопје - 452. Валандово, Виница, Кратово, Демир Хисар, Демир Капија, Македонска Каменица, Пехчево и Дојран немаат активни случаи на КОВИД-19. ки/са/        

Остани поврзан