• сабота, 04 јануари 2025

За повлечениот Предлог-закон за средно образование повторно ќе се дискутира за да се најде заеднички јазик, вели Јаневска 

За повлечениот Предлог-закон за средно образование повторно ќе се дискутира за да се најде заеднички јазик, вели Јаневска 

Скопје, 3 јануари 2025 (МИА) – Повторно ќе се дискутира за Предлог-законот за средно образование, кој на крајот на годината беше повлечен од Собрание поради амандмани од ДУИ и нивно противење на една од одредбите со која се предвидува интонирање на државната химна во училиштата.

Министерката Весна Јаневска денеска на новинарско прашање одговори дека повторно ќе се дискутира за да се „најде заеднички јазик“ , како што рече,  „ако е неопходно, законот ќе биде вратен и без таа одредба“, нагласувајќи дека се најбитни суштинските реформи. 

Таа повтори дека жали што „политички теми станаа предмет на толку бурни дискуии“ и дека таа и Владата не дозволуваат „во првите закони што се носат за образованието да се вклучи политиката“. 

-Со законот не правевме меѓуетнички тензии и како одговорен министер нема да си дозволам подгревање меѓуетнички тензии. Но, за жал, партијата ДУИ тоа го искористи на најнесоодветен начин за да ги вметне политичките и етничките проблематики во закон за образование. Нема да дизволам да се случува такво нешто, затоа законот е повлечен. Ќе продискутираме уште малку на таа тема, но доколку не најдеме заеднички јазик, битно е да поминат суштинските реформи во средното образование, и законот ќе биде вратен и без да таа одредба ако тоа биде неопходно. Но, сепак, треба да поразговараме уште малку, изјави Јаневска. 

Предлог-законот за средно образование ја помина  фазата во прво читање, но на комисисика расправа за втората фаза беше повлечен од МОН, како негов предлагач, поради „внесување полиитка во образованието“.

На крајот од годината во Собранието беа донесени останатите од пакетот закони: за стручно образование и обука, за учебници во основно и средно образование, измени на Законот за основното образование, Законот за образование на возрасните и Законот за  Националната рамка на квалификации. хс/лв/

Фото: МИА архива 

Остани поврзан