• недела, 02 март 2025

Блажевска за МИА: Од април санација на западиот дел од гледалиштето во театарот во Стоби, за враќање на фестивалот на античка драма ќе се причека

Блажевска за МИА: Од април санација на западиот дел од гледалиштето во театарот во Стоби, за враќање на фестивалот на античка драма ќе се причека

Скопје, 2 март 2025 (МИА) - Од април се очекува да започне санацијата на мермерните седишта на западната половина од гледалиштето во театарот во Стоби. в.д. директорката на националната установа Стоби, Силвана Блажевска во интервју за МИА вели дека ако санацијата заврши годинава, ќе може овој дел да се користи за разни културни настани но со ограничен број на посетители. За повторно враќање на Интернационалниот фестивал а античка драма „Стоби“ на сцената на театарот во Стоби, Блажевска вели дека ќе се причека некоја година. ИФАД „Стоби“ веќе неколку години поради небезбедното гледалиште, наместо во театарот во Стоби, се одржува на сцената на Театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот во Велес.

Во интервјуто, Блажевска открива дека фокусот на истражувањата во Стоби годинава ќе биде ставен на Градбата со арки, на доистражување на големата сала и конзервација на ѕидовите. 

Блажевска, која е и археолог со долгогодишно истражувачка работа во Стоби, во интервјуто зборува и за плановите за работата во Стоби во 2025 година согласно одобрените средства од Министерството за култура и туризам.

Овој локалитет, минатата година го посетители 20.000 посетители, а рекордна посетеност имало во 2023 година кога се регистрирани 20.555 посетители.

Интервјуто го објавуваме во целост: 

Г. Блажевска, на што ќе работите годинава во театарот во Стоби?

- Во театарот во Стоби годинава ќе работиме на чистење и санација на оригинално сочуваните мермерни седишта на западната половина од гледалиштето. Планираме работите во театарот во Стоби годинава да започнат во април, а ако успееме да ги завршиме оваа година, се надеваме дека барем западната половина на театарот ќе може повторно да се користи за разни културни настани, но со ограничен број на посетители. Сепак, се зависи од состојбата на радијалните ѕидови што ги носат седиштата, кои ќе ја диктираат динамиката на работа и потребните средства, а тоа ќе можеме да го видиме откако ќе се кренат пропаднатите седишта.

За повторното враќање на Интернационалниот Фестивал на античка драма, ИФАД „Стоби“ во театарот во Стоби со многубројна публика, сепак треба да се почека некоја година.

Што е потребно за враќање на публиката во театарот во Стоби?

- За тоа е потребно враќање на мермерните седишта на источната половина на гледалиштето, доистражување и конзервација на остатоците од горниот дел на гледалиштето и реконструкција на дијазомата кои би овозможиле употреба на капацитетот на целата долна половина од гледалиштето на театарот за културни настани. Но, ова се зафати кои побаруваат сериозни финансиски средства, не само за конзерваторско-реставраторските работи на ѕидовите, туку и за набавка на мермерните седишта. Оригиналните седишта се изработени од мермер носен од прилепските мермерни лежишта, а реставрацијата се изведува со оригинални материјали.

Кои проекти Ви се одобрени од Министерството за култура и туризам, со колку средства?

- Фокусот оваа година е ставен на Градбата со арки, на доистражување на големата сала и конзервација на ѕидовите. Тој е единствен ваков објект на Балканот, со фантастична ѕидна и подна декорација, граден во 2-от век од новата ера.. Откриен е во текот на 1970-тите години, истражуван во 1980-тите и во периодот од 2001 до 2010 година. Објектот се состои од голема сала и две апсидални простории поплочен со разнобојни мермерни плочки во техника сектиле. Ѕидовите биле исто така украсени со мермер, со штуко и фрески, а во нишите стоеле позлатени скулптури. Постарите истражувачи претпоставувале дека бил бања, градски архив или курија, но веројатно станува збор за објект со мултуфункционална намена кој вклучува библиотека и церемонијална сала. Заради големината, архитектонските решенија, внатрешната луксузна декорација и бројните скулптури сметаме дека станува збор за исклучителнно значаен објект. Неговото истражување, конзервација и презентација ќе придонесе не само во збогатување на научните сознанија за урбаниот развој на градот во римскиот империјален период, туку и во презентација на локалитетот како целина.

Како што веќе информирав, годинава во Стоби ќе се работи и на чистење и санација на оригинално сочуваните седишта на западната половина од гледалиштето на театарот, а ќе се доврши и конзервацијата на јужниот бедем и на дел од резиденцијалниот и комерцијален кварт од 6-от век.

Како и секоја година, така и оваа се одвоени средства за тековно одржување на локалитетот што е важно за туристичката презентација. Проектот за конзервација на керамика и стакло продолжува и оваа година, а доделени се средства и за опремување на Центарот за посетители со систем за ладење, греење и вентилација којшто е неопходен за музејски простор, а кој бил изоставен при реконструкција на објектот. Инаку, проектот за санација и адаптација на Старата железничка станица во Центар за посетители, досега беше финансиран од Интерег програмата за погранична соработка и е делумно реализиран. Неопходни се дополнителни интервенции внатре во објектот, како и уредување на околниот простор пред да биде пуштен во функција.

Годинава, сите проекти за Стоби финансирани од Министерството за култура и туризам се со вкупна сума од шест милиони и шестотини илјади денари, што е двојно повеќе од минатата година.

Имате ли и други проекти на кои работевте изминатите години и дали тие ќе продолжат годинава?

- Се разбира дека продолжуваме и со меѓународните проекти. Колегите од Фондацијата „Балканско наследство“ ме информираа дека Школата за археологија е пополнета уште во јануари, а во тек е уписот на студенти за Школата за керамика и за двете нови работилници, за конзервација на архитектонско наследство и за фотограметрија и 3Д документација. Се надеваме дека ќе продолжи и конзервацијата на Теодосијанската палата.

На есен ќе се одржат две работилници како дел од проектот DIGI Heritage Hubs, првата во Стоби, а втората во Виминациум во Србија, кои имаат за цел да понудат нови дигитални решенија за презентација на културно наследство. Проектот е поддржан од УНЕСКО, а финансиран од Европската Унија, во кој покрај м-р Димитар Николовски од НУ Стоби, учествуваат и колеги од Археолошкиот Институт на Србија, MuZEH LAB од Албанија, PROCULT од Италија и Центарот за социјални иновации Блинк 42-21 од Скопје. Во соработка со Блинк 42-21 се работи на уште еден проект којшто се однесува на виртуелна реконструкција на Градбата со арки, во која покрај м-р Гоце Павловски од Стоби учествуваат и м-р Димитрис Цалканис, дигитален уметник чија специјалност е културното наследство и д-р Хрисантос Канелопулос професор на Националниот и Каподистриев универзитет во Атина.

Што ќе направите за поголема промоција на Стоби? Дали се планира изработка на нови сувенири и книги или реиздавање на старите книги за Стоби, кои се барани од посетителите?

- Нашата цел е зголемување на видливоста на археолошкиот локалитет Стоби и зголемување на бројот на посетители преку поголема активност и едукативни програми на социјалните мрежи, нова интернет страница за локалитетот, збогатување на сувенирницата со комерцијални копии и сувенири, виртуелни и други интерактивни проекти. Во текот на истражувањата и конзерваторските зафати планираме Отворени денови за посетители, во кои ќе им овозможиме поблиску да се запознаат со нашата работа. Од 2010 година од кога водиме статистика за бројот на посетители во Стоби кога се забележани 11.860 посетители до денес бројот е зголемен на 20.000 посетители во 2024 година. Единствена година кога е поминат овој праг е 2023 година, кога се регистрирани рекордни 20.555 посетители, после трите кастрофални години на пандемијата.

Конечно ќе излезе од печат петтиот том од „Студиите за старините на Стоби“ во кој се публикуваат трудовите презентирани на Меѓународната археолошка конференција „Меѓу истокот и западот. Стоби и градовите во римските провинции на Балканот“, што се одржа во 2018 година. Оваа година планираме и публикување на монографија за Стоби, луксузно издание наменето за поширока публика, кое е финансирано исто така од Џ.М.Каплан Фондот. Во рамки на едицијата „Студии за старините на Стоби“, серија монографии се планираат и повеќе публикации за театарот, западната некропола и светилките од Стоби. Ќе видиме колку ќе бидеме во можност да публикуваме со сопствени приходи.

Кои се позначајните реализирани проекти во 2024 година? 

- Во 2024 година во рамки на Годишната програма за работа на установата беа финансирани неколку проекти од областа на заштитата на културното наследство: археолошки доистражувања и конзервација на театарот, јужниот бедем, епископската базилика и на дел од резиденцијалниот и комерцијален кварт од 6-от век. Финансиските средства беа намалени, па оттука и теренските активности беа изведувани пократко време и со намален обем. Во рамки на музејската дејност беа финансирани два проекти: работилницата наречена „Конзерваторски материјали – од наука и примена“ што се одржуваше од 16 до18 октомври лани и конзервација на керамички и стаклени предмети од збирките на Стоби.

Како и секоја година, во соработка со Фондацијата Балканско наследство од Бугарија, беа реализирани меѓународната Школа за археологија и работилниците за конзервација на керамика, стакло и мозаик, како и меѓународниот проект за конзервација на Теодосијанската палата, кој е финансиран од Џ.М.Каплан Фондот од САД. Проектот е реализиран со меѓународен тим на конзерватори за архитектонско наследство предводен од д-р Дејвид Карингтон од Скилингтон Воркшоп од Англија, во кој учествуваше и тимот од Стоби. Ова беше исклучително важен проект за нас, особено од аспект на пристапот во конзервацијата на археолошко наследство, во кој вработените во Стоби имаа можност да се стекнат со практична обука.

Антоанела Димитриевска

Фото: МИА

Остани поврзан