• понеделник, 23 декември 2024

За кворум на пленарна седница потребни се 61 пратеник

За кворум на пленарна седница потребни се 61 пратеник
Скопје, 11 ноември 2021 (МИА) - Седницата на која треба да се расправа и да се гласа за Иницијативата за доверба на Владата не може официјално да биде отворена и да биде изгласан дневниот ред, бидејќи нема кворум откако беше констатирано дека во салата нема доволен број пратеници. Пратениците од владејачките партии СДСМ и ДУИ не присуствуваа во салата, а без нив и без Кастриот Реџепи од Беса кој најави дека нема да учествува на собраниската седница, опозициските пратеници заедно со уште двајцата пратеници од Беса се 60. Според членот 95 од парламентарниот Деловник, Собранието може да одлучува ако на седницата присуствува мнозинство од вкупниот број пратеници, односно 61. Собранието одлучува со мнозинство гласови од присутните пратеници, а најмалку со една третина од вкупниот број пратеници, ако со Уставот не е предвидено посебно мнозинство. Деловникот предвидува дека координатор или заменик координатор на пратеничка група во текот на денот може само еднаш да побара прекин на седницата во траење од еден час. Исто така, предвидено е и дека претседателот на Собранието може да ја прекине седницата по барање на координатор или заменик координатор на пратеничка група ,заради доставување на стенографски белешки од обраќање или образложение на предлагачот, дадено на почетокот на претресот по одделна точка од дневниот ред. ев/сп/ МИА ФОТО: Архива

Остани поврзан