За денеска закажано петото продолжение на конститутивната седница на косовското Собрание
- За денеска е закажано петтото продолжение на конститутивната седница на косовскиот Парламент, а политичката блокада околу конституирањето на косовското Собрание се заканува да се продлабочи, бидејќи партиите остануваат непоколебливи во своите позиции, јави Бета.

Приштина, 23 април 2025 (МИА) - За денеска е закажано петтото продолжение на конститутивната седница на косовскиот Парламент, а политичката блокада околу конституирањето на косовското Собрание се заканува да се продлабочи, бидејќи партиите остануваат непоколебливи во своите позиции, јави Бета.
Движењето Самоопределување се уште инсистира на кандидатурата на Аљбуљена Хаџиу за претседател на Собранието, додека опозицијата одбива каков било компромис доколку не се смени името на кандидатот.
На двете претходни гласања, јави дописникот на Бета, Хаџиу не успеа да ги обезбеди потребните 61 гласа, додека нејзиното име во понеделникот воопшто не беше ставено на гласачкото ливче.
„Иако на седницата во саботата, Гљаук Коњуфца од Самоопределување побара политички договор со другите субјекти за гласање за претседател и потпретседатели, немаше иницијатива од ниту една страна за средба и политички договор како единствен можен излез од актуелната блокада на конститутивната седница и конституирање на Собранието“, јави дописникот на Бете.
Тој подвлече дека истовремено претставници на Самоопределување укажале дека можат да ги блокираат предлозите на опозицијата за потпретседатели, со што би се спречило конституирање на собранието и продолжување на процедурите за избор на нова влада.
„Движењето Самоопределување вчера го отфрли и предлогот на претседателот на Алијансата за иднината на Косово (АБК), Рамуш Харадинај, дека ќе гласаат „за“ доколку за претседател на Собранието бидат предложени Шќипе Сељими и Саранда Богујевци“, јави Бета.
Тој подвлече дека и двајцата споменати пратеници денеска изјавиле дека партијата има свои предлози и дека не дозволуваат други да бидат „домаќини во нивниот дом“.
Демократската партија на Косово и Демократскиот сојуз на Косово побараа промена на кандидатите за претседател на Собранието, додека претставници на ДСК ја отфрлија можноста за средба со Самоопределување за да се постигне договор.
-Не видовме друга намера за средбата освен да се прикаже како формалност. Ставот на ДСК е потврден и останува непроменет. Бидејќи не сме го промениле нашиот политички став, немаме причина да се сретнеме со некого или да се чувствуваме искористени. Овој став беше јасно соопштен и од претседателот Абдиџику. Не гледаме никаква поента на средбата, рече вчера заменикот на ДСК, Луфи.
За конституирањето на собранието рече дека тоа е задача на победничката партија и дека никој нема намера да и „даде политички кислород“ на таа партија.
За можноста за нови избори, пратеничката Мимоза Кусари-Љиља од „Самоопределување“ нагласи дека, дури и консултациите со другите партии да доведат до договор, прво треба да се конституира Собранието, за, како што рече, потоа да се постигне договор и 80 пратеници да гласаат за распуштање на парламентот и закажување избори.
Во понеделникот пропадна четвртиот обид за конститутивна седница на Собранието, потсети Бета.
За успешно завршување на конститутивната седница мора да бидат избрани претседател и потпретседатели на собранието. Во спротивно, без уставен рок за конституирање на парламентот, пратениците се должни да се собираат на секои 48 часа. сд/
фото:МИА архива