• недела, 22 декември 2024

За враќање во Косово чекаат над 800 лица од странство

За враќање во Косово чекаат над 800 лица од странство
Приштина, 19 март 2020 (МИА) – Министерот за инфраструктура и животна средина на Косово, Љумир Абдиџику информира денеска дека, според информациите од дипломатските претставништва, вкупно 834 косовски државјани кои се наоѓаат во разни земји во светот побарале враќање во земјата, јави дописникот на МИА од Приштина. Абдиџику во изјава за медиумите нагласи дека сите кои ќе допатуваат од странство првично ќе бидат сместени на 14 дена во студентскиот дом во Приштина, кој од вчера е пренаменет во карантин за лицата за кои постои сомнеж дека се заразени од коронавирусот. Тој порача дека на сите кои се затекнати надвор од Косово ќе им се овозможи да се вратат во државата, но апелира тоа да го направат единствено оние на кои тоа им е неопходно потребно. - До моментов се евидентирани 834 граѓани кои сакаат да се вратат во Косово и ние ги третираме сите тие случаи. Министерството за здравство го пренамени Студентскиот центар во Приштина во карантин и секој што ќе се врати во Косово ќе биде сместен таму 14 дена. Денеска, утре и во идните денови сите тие граѓани ќе се транспортираат со средства и со помош на нашата војска и на нејзините припадници, изјави Абдиџику. Во земјата вчера се вратија членовите на косовската боксерска репрезентација, денеска 39 Косовци од Турција, а за утре Абдиџику најави дека се очекува пристигнување на 130 косовски државјани од Германија. иа/гт/

Остани поврзан