• понеделник, 23 декември 2024

Постот како мост меѓу исламските и христијанските верници

Постот како мост меѓу исламските и христијанските верници

Скопје, 13 април 2023 (МИА) - Со традиционалните пораки за толеранција и разбирање меѓу луѓето, велигденските и рамазанските пости годинава се спроведуваат речиси во исто време од годината, како показател дека религијата во земјава ги поврзува и јакне вредностите на меѓусебна почит меѓу христијаните и муслиманите.

Постот не е цел сам по себе само како физичко апстинирање, туку многу позначаен е неговиот духовен и умствен аспект на воздржување и стремежот кон смиреност и трпение со цел верниците да станат подобри луѓе.

Отец Бобан Митевски, во изјава за МИА објасни дека постот претставува и подвиг и послушание. Подвиг преку којшто треба верникот духовно да се издигне и да се здобие со добродетелта на воздржанието, а во тоа изградување човекот се стреми и кон исполнување на зададеното послушание коешто учи на смирение и трпение. Според него, постот е повеќеаспектен, не е цел сам по себе, туку е средство.

- Во Светото Писмо се потврдува постоењето на постот. Уште на првосоздадените луѓе, Господ им го задава постот во Рајската градина, преку тоа што им дава заповед да не јадат од дрвото за спознавање на доброто и злото. Тоа е првиот пост. Потоа се востановува и старозаветниот пост, а пости и самиот Христос 40 дена. Преку ова сведоштво за традицијата на постот се истакнува неговата важност, но и неговата потребност, раскажува отецот.

Оџата Сулејман Баки, пак, за МИА вели дека постот како важен дел од нашите животи е мост меѓу верниците. Според него, може да имаме различни сфаќања и размислувања, но верата ни е заедничка, затоа што според исламот тоа е истата вера, почнувајќи од Адам сѐ до Мухамед.

- Во, Куранот, во дел од сурето Ел-Бекаре (183) Алах го вели следното; „Вие верниците да знаете Алах ви го наредува постот како што беше нареден и за тие пред вас“. Важното од ова е што овој дел од Куранот постот го поврзува и со тие што се пред Исламот и пред пророкот Мухамед а.с.. Оттука станува јасно дека постот не е само за муслиманите туку, почнувајќи од Адем а.с. до Мухамед а.с., како што било и за Муса а.с., како и за Исус или Иса а.с. или со другите пророци, значи и кај сите нив имало пост, и кај нас има пост, вели оџата.

Во однос на правилата во православните пости, отец Бобан вели дека постојат еднодневни и повеќедневни пости. Секоја среда и петок се пости поради предавството Христово од Јуда и распетието на Крстот, а еднодневни пости има за Крстовден и за Отсекување на главата на Свети Јован Крстител.

- Повеќедневни пости се Божиќниот, Пасхалниот (Велигденскиот), Апостолскиот и Успенскиот. По начинот на постење за овие пости, истоветни се Божиќниот и Апостолскиот, а од друга страна Пасхалниот и Успенскиот. Типикот (правилото) на постење за првата група е среда и петок без масло, другите денови со масло, сабота и недела се дозволува риба (до одреден период), а втората група: од понеделник до петок без масло, сабота и недела масло, а риба се јаде само за Благовештение и Цветници, вели отец Бобан. 

Сулејман оџа, од друга страна, потсетува дека кај муслиманите се пости во месецот Рамазан според хиџретскиот календар, односно според лунарното пресметување на месеците и годината.

- Околу половина час пред изгрејсонце се последните мигови за консумирање храна, течности и се друго што физички се внесува во телото, и тоа трае до првиот момент по целосното зајдување на сонцето. Но тоа не е се, тука не се работи само за апстинирање од храна и течности, туку покрај физичкото апстинирање, значењето во внимателноста од душевниот и умствениот аспект е многу поголем. Целта на овие пости е да бидеме подобри луѓе на крајот на овој месец, вели Сулејман оџа.

Во однос на совпаѓањето на муслиманските и христијанските пости во ист период и значењето на тоа во нашето општество, односно на ниво на цела држава, отецот Бобан оценува дека религиозниот аспект е особено присутен во секојдневниот живот на општеството.

- Македонското општество, како мултирелигиозно и мултинационално е разновидно во однос на верскиот живот. На овие простори отсекогаш егзистирале заедно разни вероисповеданија. И заемното почитување е од пресудно значење. Затоа се обидите на верските заедници во основното образование да се изучуваат традиционалните религии во Македонија и државата треба конечно да сфати дека преку запознавањето на различниот може да функционира добро соживотот, вели отец Бобан.

Според него, верските традиции секогаш се уважувале од припадниците на верските заедници, па традиционалните и вистинските верници знаеле да си честитаат, да отидат на гости за празник и за други прилики.

- Да се живее традиционалното учење на религиите е од пресудно значење. На тој начин општеството се стекнува со еден морален кредибилитет којшто е многу значаен за разноликиот карактер на државата. Не смее да се изуми дека верата има особен придонес и за нашето образовно и културно наследство, вели отец Бобан за МИА.

Сулејман оџа во врска со истото прашање вели дека Рамазан е месец на толеранција, истото важи и за православните пости и дека тоа придонесува за поголемо зближување и меѓусебно разбирање, односно дава врвна нијанса во развивање на соживотот меѓу верниците од двете вери.

- Ние живееме во старата чаршија и имаме и пријатели што се од православна вера, но и ние ги почитуваме нив и тие не почитуваат нас. Како на Балканот, така и во нашата татковина Македонија, со векови, верските одредби до сега сме ги живееле во целосна хармонија и кај муслиманите и кај христијаните. Во нашата земја, јас како муслиман можам да кажам дека верниците ја доживуваат нивната вера со векови во потполна слобода, вели оџата.

Тој исто така додава дека земјава е многу добар пример и за Европа, но и за целиот свет од аспект на соживотот на различни вери, јазици, култури и националности. 

МИА разговараше и со директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Даријан Сотировски, кој ја истакнува убавината на овие прослави и обичаи, кога еден прославува, а другиот ја споделува неговата радост и кога двајцата слават, па си споделуваат меѓусебно радост во таквите денови.

- Колку и да се создавала или создава слика кај широката јавност на меѓусебна изолираност и поделеност, многу работи укажуваат дека верата во Македонија поврзува и ги јакне вредностите на меѓусебна почит. Бевме на ифтарска вечера на која присуствуваше и нашиот Архиепископ Охридски и Македонски г.г. Стефан како и Бискупот скопски Киро Стојанов. Пред извесно време ги славевме и Св. Климент и други празници со присуство на Реисул Улема Шаќир еф. Фетаи. Мислам дека нашите дедовци се горди на она што како генерација го имаме постигнато и го живееме. И да, секогаш постигнатото мора да се негува и да се надоградува, вели Сотировски.

Соживотот, според директорот на КОВЗРГ, е нешто природно и нормално и не е цел сама по себе, туку тоа е едноставно живеење кое е слободно во интеракциите.

- Мислам дека сите пречки во оваа насока се создавани од луѓе и од луѓе можат да бидат и надминати. Идните генерации мора да бидат во меѓусебен мир и со доволна зрелост, за да бидеме во состојба да правиме исчекори и во други насоки, посочува Сотировски за МИА.

Поврзано со активностите на КОВЗРГ за припадниците на двете верските заедници, тој информираше дека се направени бројни активности, но ја издвојува формираната прва група за пријателство помеѓу МПЦ и ИВЗ како најнова активност, во која се овозможува простор за подобро запознавање и разбирање на верските службеници од поновата генерација. 

Пораката на Сотировски е до поединецот, без разлика кој е, чиј е или во што верува. 

- Како што Вие имате слобода и право, чувствувате, се радувате и тажите, истото во подеднаква мера го има секој друг човек. Исти се нашите човечки пориви, а човештината е во тоа да се обидеме да го разбереме другиот, општеството сепак е заедница, а не судница, нагласи директорот на КОВЗРГ.

Постите на православните христијани завршуваат оваа недела на 16 април, на Велигден, за кој православните христијани веруваат дека е ден на воскреснувањето на Исус, додека постите на муслиманите завршува следниот петок на 21 април кога муслиманите го слават Фитр Бајрам.

Харис Сулејман

Фото: Дарко Попов, Фросина Насковиќ

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан